Стар телевизор 18 месеци правел пречки на интернетот во велшко село

Жители на село во Велс секое утро, последнава година и пол, точно во 7 часот го губеле пристапот до интернет. Оваа мистерија конечно е решена откако инженери откриле дека проблем правел стар телевизор на еден од жителите.

Неименуваниот жител од селото Аберосан не бил свесен дека неговиот стар телевизор емитува сигнал кој го попречува широкопојасниот интернет на целото село. Тој секое утро го пуштал телевизорот и електричната интерференција го попречувала интернет сигналот.

По 18 месеци со проблеми, инженери почнале истрага откако и покрај промена на кабелот за интернет проблемот не се решил. Тие потоа шетале низ селото со специјален уред наречен спектарски анализатор за да го пронајдат електричниот шум.

„Точно во 7 часот, ќе се случеше. Нашиот уред веднаш регистрираше огромна електрична интерференција во селото. Се испостави дека жителот секое утро го вклучувал стариот телевизор, кој, потоа, на повеќе наврати го попречувал интернетот за целото село“, изјавил инженерот Мајкл Џонс.

Експертите пронашле дека телевизорот емитувал високо ниво на импулсивен шум, кој предизвикувал електрични пречки на другите уреди.

Селото сега има стабилен интернет сигнал, а човекот кој го предизвикал проблемот ветил дека нема повеќе никогаш да го употребува телевизорот.