Второ издание на фестивалот за краток филм „Филмај“ во Куманово

Фото-кино клуб „Козјак” го организира вториот Меѓународен фестивал на кратoк филм „ФИЛМАЈ 2020” кој ќе се одржи во вторник (29 септември) во Големата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев” во Куманово, со почеток во 19 часот.

На овогодишниот конкурс пристигнале 2.017 пријавени филма од 111 држави, кои биле прегледани од трочлено жири: Ана Јакимска (филмски режисер и сценарист), Златко Ѓелески (писател и културен критичар), и Глигор Максимовски (фотограф и член на фото-кино клуб `Козјак` – Куманово).

Жирито одлучи за следниве награди:
– награда „Лазар Ѓорѓевиќ” за најдобра режија оди кај Joey Paras за режирање на `Fetch` (Филипини)

– награда „Радислав Ристевски” за најдобра фотографија/кинематографија е за Tim Kuhn за кинематографскиот труд во `Jupiter` (Германија).

– награда „Козјак”за најдобра приказна/сценарио им се дава на Guy Nattiv и Sharon Maymon за aвторство на `Skin` (САД)

– Посебна награда од жири за македонски филм е доделена на Георги М. Унковски за `Налепница`

Во фестивалската вечер ќе биде прикажана компактна листа од наградени и одбрани кратки филмови, во траење од 100 минути.

Согласно состојбата и протоколите, влез во салата ќе биде овозможен за публика од 110 лица кои претходно ќе имаат добиено билети. При влегувањето на секој посетител ќе му биде мерена температура и ќе се врши дезинфекција на раце, а носењето на маска на лице ќе е задолжителна при влез и за цело време на престојување внатре. Движењето ќе биде со дистанца од најмалку 2 метра, а сместувањето на публиката ќе е во секој втор ред и со растојание од 2 празни седишта помеѓу соседни посетители.