Македонскиот огранок на Fridays for future (Петоци за иднината) преку нивната Фејсбук страница објави дека Министерството за внатрешни работи (МВР) вршело притисок за откажување на денешните протести.
Како што тврдат оттаму, активисти на движењето во текот на вчерашниот ден биле повикани на разговор во полициската станица Беко, откако, повеќепати во текот на утрото, полициски службеници ги контактирале телефонски, обидувајќи се, како што велат, да ги наговорат да го презакажат протестот, кој се организира заедно со Сојузот на средношколци и Универзитетското студентско собрание, со објаснување дека денеска пред Владата ќе се случуваат протоколарни активности со странска делегација.
„На крајот, на активист(к)ите им беше понудено ‘консензуално решение’, од првично планираната локација да се поместат на 300 метри подалеку, на нова, затскриена локација. Во меѓувреме, на Социјалистичка зора и Гласни идеи, коишто веќе два месеци протестираат против поскапувањето на електричната енергија, не им беше дозволено да го пријават нивниот тековен протест, кој во континуитет се одржува секој петок. Меѓу другото, според законот, протестните собири не мора да се пријавуваат во полиција, но, погоре споменатите движења редовно ги пријавуваат заради безбедноста на демонстрантите“, стои во нивната Фејсбук објава.
Поради притисоците, од движењето наведуваат дека активистите денеска во 16 часот ќе се соберат на јавен простор спроти Владата и здружени ќе го изразат, како што велат, револтот против полициската држава. Дополнително, посочуваат дека локацијата за овој протест е паркот „Република“, односно, просторот околу автобуската постојка на булеварот спроти Владата.