„Нема правда, нема мир“, „Правда за Ромите“, „Роми полицајци“, беа дел од паролите кои денеска се слушаа во Битола, каде се одржа протестот против полицијска бруталност, откако пред два дена битолчани Роми беа претепани од полициски службеници.
Протестот започна попладне, а засегнатите граѓани се движеа по Главната улица во Битола, до седиштето на битолската полиција.
„Како што рековме на плоштадот, така и тука пред полиција – денешниот собир е токму тоа, да ги изразиме нашето незадоволство спрема одредени полицајци кои на ваков дрзок и кукавички начин претепаа Роми, дел од нив и хендикепирани и немале можност да удрат. Ја молам целата држава, сите засегнати институции да преземат поголеми мерки, за во иднина да нема вакви случаи. Секој втор од нас е малтретиран од полиција, но тоа не излегува во јавност. Ако не се појавеше снимката, овој протест немаше да се случи на ваков начин. Не сме против полицијата, но во иднина да нема вакви инциденти“, истакна еден од активистите.
Протестот беше организиран од иницијативата „Аваја“ заедно со здруженијата Ромалитико, Романо Авази, Ромаверзитас, Баирска Светлина, Сумнал, Ромско Јато. Токму од Аваја го споделија видеото на кое се гледа полициската бруталност на социјалните мрежи, кое предизвика бројни реакции во јавноста.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, соопшти дека полицаецот кој на видеото се гледа како тепа еден од граѓаните добил кривична пријава и суспензија од работното место, додека полицаецот кој го придружувал и не преземал никакви мерки за да го спречи насилството исто така е суспендиран и против него ќе биде покрената дисциплинска постапка.
Невладините организации го осудија полициското насилство и дискриминацијата врз Ромите и побараа итна и темелна истрага.