На вкупно 14 територии со 13 активни пара на египетски мршојадци оваа година се испилија и пролетаа 9 млади, соопштија од Македонското еколошко друштво.
Тие месецов се впуштија во миграција долга 5000 километри, ќе летаат скоро цел месец и секојдневно ќе поминуваат околу 500км со брзина од дури 80км на час. За ваквиот подвиг се подготвуваат од денот на снесување т.е. помалку од 5 месеци.
Тричлен тим на МЕД од април до септември ги следеше египетските мршојадци низ Македонија. Тие заедно со поддршката од уште десетина волонтери годинава поминале 45 дена на терен.
„Нивната теренска работа е непредвидлива, напорна, никогаш здодевна и може да трае повеќе од 12 часа на ден на блескаво сонце. Една од причините поради кои овие неверојатни птици сѐ уште живеат кај нас се токму непристапните карпести терени на кои гнездат – колку што тие им помагаат на египетските мршојадци да немаат вознемирување до луѓе толку им отежнуваат на нашите орнитолози да го следат нивниот процес на размножување“, велат од МЕД.
Скоро е невозможно да се набљудува доволно детално животот на овие птици без локална поддршка. Поради ова, тие работат и на едукација на локалното населениеа.
„По примерот на многу земји низ светот и ние подготвуваме мрежа на чувари на гнезда. Овие луѓе ќе бидат опремени и обучени да го следат гнездењето на кањите и да делуваат во случај на појавување на некаква закана за успехот на гнездењето“, велат од МЕД.
Откако ќе долетаат во Македонија кањите (локално име за египетски мршојадци) тие ги следат дали ќе ги заземат старите територии на гнездење, дали ќе формираат гнездо, колку јајца снеле и колку пилиња ќе се испилат од нив и потоа чекаар колку од нив ќе преживеат за да пролетаат и заминат на миграција.
„Најголема радост е после сите месеци на набљудување кога ќе забележиме дека младото застанало на работ од гнездото и се спрема за полетување“, вели Ненад Петровски, раководител на истражувањата за египетскиот мршојадец.
Една од најголемите закани за овие глобално загрозени птици е труењето, посочуваат од МЕД.
„Нашиот тим се обидува овој проблем да го реши на повеќе начини – од посетување на локалните земјоделски аптеки и едукација на персоналот, преку анкети и истражувања за состојбата до соработка со службите на државата кои професионално се занимаваат со оваа проблематика. Сепак главната активност е соработката со локалното населени и разбирање на нивната мотивација за користење на отрови и изнаоѓање на начини тоа да се укине“, нагласуваат од друштвото.
Галерија и повеќе информации од теренската работа се достапни на следниот ЛИНК.