Преку комплетно виртуелен настан, овогодишното издание на светскиот хакатон „NASA Space Apps Challenge“, оваа година по осми пат ќе се одржи во нашата држава. Во организација на Њуменс Бизнис Акцелератор, хакатонот ќе трае од 2 до 4 октомври, а а учесниците ќе можат и директно да разговараат со експертите од NASA кои ги креираа овогодинешните предизвици. Повикот за учество е отворен за сите студенти, средношколци, ентузијасти и ментори.
Хакатонот во светот се случува истовремено на над 200 локации на 5 континенти и поврзува отворени податоци од вселенските агенции со млади иноватори и решавачи на проблеми.
Целта на настанот е да поттикне соработка, креативност и критичко размислување, да поттикне интерес за наука и истражување поврзано со Земјата и Вселената и да инспирира нови генерации на научници, технолози, дизајнери, инженери и претприемачи.
„NASA Space Apps Challenge“ е менаџиран од дивизијата Наука за Земјата во централата на NASA во Вашингтон, САД.
„Предноста на тоа што настанот оваа година се одржува виртуелно е што нема потреба да се доаѓа на физичката локација во Скопје и секој може да учествува од својот дом независно каде се наоѓа, а тимовите можат да бидат составени дури и од учесници кои живеат и работат во странство. Ова може дополнително да им ги зголеми шансите за добар пласман па и победа доколку состават добар тим со максимум 6 члена со различни вештини“, известуваат од организацијата.
Предизвиците на кои ќе може да се работи се организирани во 6 категории, односно, набљудувај, информирај, одржи, креирај, спротистави се, поврзи се.
На крајот од Хакатонот ќе бидат прогласени 3 победнички тимови кои ќе добијат трофеи и награди обезбедени во соработка со „Sony“, а ќе бидат номинирани и за една од 6 глобални награди од NASA со можност да добијат покана за посета на „Kennedy Space“ Центарот во Флорида и да присуствуваат на полетување на ракета, по отворањето на границите со САД.
При пријавувањето, потребно е заинтересираните треба да ја пополнат регионалната форма, а потоа регистрацијата треба да се официјализира и на глобалната страна. По успешната регистрација, заинтересираните ќе добијат покана за учество на онлајн сесија за подетално информирање.
За овогодинешниот хакатон, партнер е Американската Амбасада во Скопје, а освен NASA оваа година партнери се уште 4 вселенски агенции, Канадската (CSA), Француската (CNES), Јапонската (JAXA) и Европската (ESA), кои исто така обезбедуваат податоци, ресурси и експерти.