Вечерва (29 септември) со почеток од 20 часот во МКЦ (плато) ќе се одржи промоција на романот „Сивиот плоштад“ од Сашо Огненовски. Промотор е Лилјана Пандева, а ќе читаат Андреј Серафимовски и Бобан Алексоски.
„Сивиот плоштад освен што не треба, туку и не може да се спореди со ниту едно друго прозно дело од македонската современа книжевност. Благодарение на авторовата условно речена љубов за филмот и театарот или пак безусловно речено на неговата ерудитност за филмот и театарот, Сивиот плоштад е прозно дело – роман, но со филмска сценографија и со драмски дијалог, со еден збор, романот е адреналински. Од прологот до крајот“, пишува за романот Лилјана Пандева
Сашо Огненовски е писател, актер и комуниколог. Досега издал пет збирки поезија: Лавина, Плодовите на гневот, Пустински цвет, Сума и Менување на минатото, две пиеси за возрасни и четири пиеси за деца. Неговите дела се преведувани на англиски, српски, бугарски и арапски јазик. Застапен е во поетски антологии во земјата и во странство. Уредник е на книжевното списание „Книжевни елементи“. Преведува од српски и англиски јазик. За својата поезија добитник е на наградата ИЊА Богдани од Косово и на наградата на Друштвото на преведувачите од Црна Гора.
Романот е издание на ПНВ Публикации.