#ИнстаИлустрации – Александра Ристовска

Александра Ристовска е дипломиран графичар на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Таа се бави со традиционално и дигитално цртање. Музиката имала најголемо влијание во нејзината уметност, но со тек на време се посветила на изразување на себе си преку сликата и цртежот.

„Музиката остана како една од влијанијата за мојата уметност, покрај литературата, видео игрите, природата, филмовите, сериите и општо целокупната уметност околу нас. Омилена тема за којашто можам вечно да размислувам и на којашто можам вечно да творам ми е фантазијата, затоа што е толку широк поим, дозволува сé и е одлично прибежиште кога реалноста на некој начин ќе стане премногу реална“, вели таа за Радио МОФ.

Дел од уметниците чии дела и талент на кои им се восхитува се Peter Mohrbacher, Loish, Djamila Knopf, Astri Lohne, Marc Brunet.

„Според мене не постои дел од животот кога човекот престанува да учи“, забележува Ристовска.

Еден од подрагите проекти во кој учествувала е „Бегалец сега- човек секогаш“ каде што со група колеги од ФЛУ и Филолошкиот факултет изработија стрип насловен „Црно-Бели животи“ за УНХЦР. Стрипот, посочи уметницата, служеше како еден вид на отварање на очите и подигање на свеста на јавноста преку цртеж.

Ристовска е уште една илустраторка кој се приклучува на нашата иницијатива #ИнстаИлустрации. Во продолжение, погледнете дел од нејзините илустрации: