Министерот за здравство Венко Филипче преку видео обраќање упати апел до родителите, учениците и образовните работници да ги почитуваат мерките за безбедно одржување на учебната година.
„Знам дека многумина сакаат и бараат учењето да се одвива поинаку и искрено сите ги разбирам. Но, како здравствен работник и прв одговорен во битката со пандемијата, барам разбирање и поддршка за сите здравствени одлуки кои ги донесовме во однос на образовниот процес. Секоја одлука е базирана на примарната и најважна цел, заштитата на јавното здравје, заштитата на здравствениот систем и пребродување на кризата. Секоја одлука која ја донесовме е донесена со цел да се обезбеди добар, но и безбеден образовен процес. И ова е единствениот исправен пристап во услови кога нема идеално решение“, потенцираше министерот Филипче.
Во своето обраќање, министерот Филипче повтори дека целосното отворање на училиштата е исклучително голем ризик, а во неколку земји, посочи тој, значело целосен крах на системот и враќање кон силни рестрикции.
„Сите ученици кои се враќаат во училишните клупи, нивните родители и наставниот кадар мора да бидат многу одговорни. Дури 600 училишта ја започнаа настават со физичко присуство. Од учениците, родителите и наставниците очекувам максимално и доследно почитување на пропишаните мерки. Од сите заедно зависи дали ќе ја задржиме состојбата стабилна а со тоа и безбедно и квалитетно да ја поминеме учебната година. Драги деца, вирусот не е шега. Можеби за вас е помалку опасен, но е многу поопасен за вашите родители, баби и дедовци. Почитувајте ги препораките, слушајте ги наставниците и штитете го здравјето на сите. Јас верувам во вашата зрелост и одговорност. Вие може да бидете пример за возрасните и за целото општество. Кризата е време во кое созреваме, во кое растеме како одговорни личности. Ви посакувам успешна учебна година“, рече министерот Филипче.
На нетипичен начин, еден месец подоцна од вообичаеното, околу 270.000 ученици денеска го имаат првиот школски час од новата учебна година
Во 600 училишта со физичко присуство, некаде под отворено небо, a за останатите преку онлајн платформата и со емитување на часови на македонски и на албански јазик на македонската телевизија.
600 училишта офлајн, другите онлајн – започна новата учебна година