Со целовечерен концерт на Архангел, под мотото 30 години љубов, започнува официјалната музичка програма на фестивалот Таксират, кој оваа година ќе се одржи на 11 октомври во СЦ “Борис Трајковски”.
Само една недела подоцна, програмата за 22 издание на фестивалот ќе продолжи со соло концерт на Страјк – еден од најдобрите изведувачи на домашната андерграунд рап сцена.
Во рамките на Таксират Фестивал #22, ќе се одржи и седмото издание на музичката конференција и шоукејс фестивал – ПИН! Со поддршка од Делегацијата на Европската Унија, годинава, ПИН ќе се одржи во три програмски денови, од 26 до 28 ноември, на бројни локации низ Скопје.
„Годинашното издание ќе биде фокусирано на здружување на силите на најдобрите и најновите музички таленти од регионот, Европа и Македонија, како и најрелевантните имиња во музичката индустрија – промотори, менаџери, музичари, новинари. Преку конструктивни панели и дискусии, ќе се обидеме да најдеме релевантни решенија и начини на кои можеме да влијаеме врз подобрување на состојбата во музичката индустрија, која е една од најпогодените гранки од корона вирусот“, велат од организацијата.
Согласно протоколот за реализирање на настани во затворен простор, билетите се строго ограничени и исклучиво за седење, а салата е соодветно приспособена за одржување на настан според сите мерки наведени во протоколот. Задолжително е носење на маска, дезинфекција и одржување растојание во текот на целиот настан.
Билетите за 22 издание на Таксират Фестивал се достапни онлајн и низ дистрибутивната мрежа на MkTickets.