Поради сузбивањето на ширењето на коронавирусот, на сите им се препорачува да избегнуваат физички контакт, така што луѓето ширум светот постепено се навикнаа на еден од главните несакани ефекти на социјалното дистанцирање – осаменоста, пренесува „Ал Џазира Балканс“. Научниците сега стравуваат дека присилната изолација раѓа нов вид на епидемија, бидејќи многу луѓе принудени на осаменост, се почесто се соочуваат со нарушувања на менталното здравје.
На почетокот на пандемијата, психијатри анкетирале 5.070 возрасни Австралијци, откривајќи дека повеќе од три четвртини од испитаниците изјавиле дека нивното ментално здравје се влошило од почетокот на избивањето на заразата.
Речиси 80 проценти од испитаниците изразија умерено до екстремно ниво на страв од неизвесна иднина, половина од нив изјавија дека се чувствуваат од умерено до крајно осамено, додека исто така половина од нив, одговориле дека чувствуваат умерен до екстремен страв од финансиските последици од пандемијата врз нивните животи.
„Разбирливо е дека во вакви бурни времиња, луѓето може да се чувствуваат исплашено, загрижено, вознемирено и презаситено од постојаните промени во предупредувањата и медицинските извештаи за ширењето на пандемијата“, стои на веб-страницата на австралиската хуманитарна организација за поддршка во кризни состојби „Lifeline“.
Вработените во организацијата, на заинтересираните граѓани им даваат совети кои се однесуваат на менталното здравје и општата благосостојба на поединецот, посочувајќи дека секоја личност треба активно да се грижи за сопствената благосостојба и во исто време да биде свесна во колкава мера може да поднесе изложеност на медиумите.
Осаменоста беше невидлив проблем и пред пандемијата, велат германските лекари. „Во големите градови живеат многу луѓе кои немаат речиси никакви социјални контакти, отколку што може да замислите“, вели Стефан Дојчман, кој ја води добротворната организација „Дијаконишен Верк“ во Хамбург.
Во екот на пандемијата, тој проблем се продлабочи. Во првата фаза на пандемијата, помеѓу средината на март и средината на мај, на линијата за помош од организацијата, биле забележани 25 до 30 проценти повеќе повици.
„Многу луѓе се пожалија на длабоко и тешко чувство на осаменост“, рече Дојчман.
Околу 40 проценти од луѓето кои се јавуваа, сакаа да зборуваат за рестрикциите, за неизвесноста и промените кои ни ги донесе пандемијата, вели Улрике Меј, портпаролка на германските телефонски линии за психолошка помош на граѓаните.