Промоција на „Деца во длабоко“ од Давид Ангелевски во „Котур“

Во „Котур“ на 22 октомври (четврток) од 17 часот ќе се одржи промоција на книгата „Деца во длабоко“ од Давид Ангелевски.

Ангелевски е музичар роден во Скопје. Со музика активно се занимава од 2003 година, кога го стартува соло музичкиот проект Pikolomini со кој до денес има издадено девет студиски остварувања

Во меѓувреме, работи и издава музика под уште неколку псевдомими, меѓу кои Tribute to Dead Gentleman и Скопски сновиденија.

Во оваа збирка се поместени 35 песни или текстови за музички композиции од овие три соло проекти. Книгата е независно издание, печатено на рециклирана хартија во 123 примерока.

„Можеби сензибилитетот на изразот на Давид Ангелевски е строго умствен и ги користи сите проникливи алатки на интелектот во анализирање и обидот да ги разбере ‘голите светови кои чекаат за спас’, сепак иако рационализмот е ‘превозното средство’ кое Давид мајсторски го користи, се чини дека изворот има потопла ‘земја’ на раѓање и е многу поблизок до фреквенциите на градниот кош. Зад навидум дистанцираниот когнитивен пристап како да стои длабоко емотивна потреба и дестинација… Со многу љубов за неа, за Скопје, за градот, кој е освоен во мир… без борба“, стои во предговорот на Кристина Горовска.

Настанот во „Котур“ ќе се одвива согласно пропишаните Ковид-19 мерки за безбедност и заштита на јавното здравје.