На улицата „Никола Карев“ од четирите постојни сообраќајни ленти сега се направени три со што е обезбеден простор за велосипедистите, откако деновиве беше завршена реконструкцијата на улицата кај Железничката станица, информираат од Град Скопје.
Оттаму посочуваат дека реконструкцијата на потегот од крстосницата со булеварот „Кузман Јосифовски Питу“ до крстосницата со булеварот „3-та Македонска Бригада“, опфатил целосна обнова на асфалтот на улицата, во должина од 510 метри, и додаваат дека во тек е целосна репарација на тротоарите.
„Со пробивањето на улицата Есенинова, реконструкцијата на оваа сообраќајница, па преку улицата Беласица, Град Скопје прави поврзување на трите општини Кисела Вода, Центар и Гази Баба, а патувањето на возилата од булевар Борис Трајковски до клучката Континентал се очекува да биде скратено за повеќе од 10 минути“, стои во соопштението на Град Скопје.