До кога ќе се крати од животната средина? Се давиме во ѓубре, ама за чистење на дивите депонии со ребалансите на Буџетот за 2020, се предвидени 90% помалку средства! Во моментов 21 инструмент од мерните станици за мерење на квалитет на воздухот не работат, но 2/3 од средствата наменети за набавка на делови и нови инструменти се скратени!, се вели во реакцијата на „О2 Иницијатива“.
Од таму посочуваат дека нема дотации оваа година за општините Битола, Новаци, Могила, Кичево, Чаир, Гази Баба, Центар, Аеродром, Кисела Вода, како надоместок за производство на енергија од фосилни горива. Исто така, забележуваат еко-активистите, нема ни за рехабилитација на загрозена група на деца, а ниту за санација и реновирање на просториите во лабораторијата во МЖСПП.
„За акредитација и да не зборуваме, тоа не е ниту планирано. Нема средства и за уредување на порој на речното корито на река Пена во Шипковица. Линданот, секоја година еве само што не почнале да го отстрануваат од депониите во Охис. Генералниот секретар на Владата, Рашковски пред две години ни изјави дека двете депонии со линдан ќе бидат деконтаминирани паралелно. И не е само линданот таму, туку е проблем и живата, и ред други канцерогени супстанции. Наместо да сведочиме за конечно чистење на сите токсични супстанции од тие мегатонски канцерогени депонии, 70% од средствата за отстранување на линданот се тргнати“, реагираат еко-активистите.
„О2 Иницијатива“ посочува дека скоро сите средства се тргнати и за изградба на фекален колектор за Кочани и систем за водоснабдување за Делчево.
„Помалку средства има и за резервни делови за хидросистемот во Дојранско езеро, но и за набавка на резервоари (цистерни) за сулфурна киселина и натриум бисулфит, вентилатор за издувни гасови и др. за Јегуновце, за токсичната депонија таму. Нè сотре загаден воздух, вода, почва, ама упорно се крати од средствата за животна средина‼️ДО КОГА⁉️ Нели ова беше приоритет?“, се вели во реацијата упатена и до Владата, министерствата за финансии и животна средина, но и до Собранието.