[Подкаст] Мегафон: Леб или маска? Живот со 126 денари дневно во пандемија

„Мајка ми е болна, татко ми е болен и пред пандемијата ни е исклучена струјата. Немаме никакви примања, немаме помош. И не можеме да добиеме информации какви се мерките бидејќи немаме струја“

„Ние дома сме 5 членови во семејството, а веќе 5-6 месеци не примам социјално. Блокирана ми е сметката поради извршител. Имам 0 денари, никаков надоместок на мојата сметка. Шест месеци… овие деца… не можам да постигнам за нив, како да се снајдам… помагајте“.

Ова се приказните на Семиран, млада девојка во деветчлено скопско семејство и Судахар, родител од Виница. Луѓе кои државниот социјален систем ги оставил на цедило и единствената помош ја бараат во невладините и хуманитарни организации.

Нивните приказни се само две од 85-те илјади граѓани на Северна Македонија кои преживуваат со 40-тина денари дневно. Лица кои статистички се сместени во најлошата група – екстремна сиромаштија.

За да го слушнете подкастот кликнете на линкот подолу:


Бројката на сиромашни пак, расте на скоро половина милион граѓани, кога се зборува за релативната сиромаштија. Тоа се сите оние луѓе кои живеат со помалку од 126 денари дневно. Секој четврти човек во земјава се наоѓа во некој од овие два вида сиромаштија.

Кога на ова ќе ја надодадете кризата со Ковид-19, во која од почетокот на пандемијата повеќе од 43 илјади луѓе ја изгубиле работата, ситуацијата се претвора во потенцијална социјално општествена бомба која отчукува до експлозија.

Билјана Дуковска од Македонската платформа против сиромаштија, објаснува дека во анкетите кои ги прават меѓу граѓаните, сè почесто добиваат одговори каде луѓето се принудени на компромиси околу најосновните животни потреби.

„Најранливите веќе ги мерат финансиите – дали да платат струја или да купат маска, дали да купат храна или да купат дезинфекциски средства. Е, дотаму сме. Значи многу е лоша ситуацијата“, вели таа.

Северна Македонија не стоеше добро со сиромаштијата ни пред пандемијата, но Ковид-19 го избриша и оној мал позитивен тренд во кој граѓаните малку по малку почнаа да се извлекуваат од „пајажината на сиромаштијата“ преку реформата на социјалната помош и воведувањето на Гарантирана минимална помош. Луѓето кои пред кризата имале некакви приходи, сега осиромашуваат поради губење на работата и пореметување на секојдневието.

„Кризата го урна тој систем целосно. Останаа примателите на Гарантиран минимален приход, со помошта која ја добиваат, меѓутоа она што сега тешко се случува е нивната активација, можноста да најдат работа со која ќе излезат од тој минимален стандард. Дополнително, луѓето кои се во ризик од сиромаштија, тоа се оние кои се малку над минимумот – минимални плати, по еден вработен во повеќебројни семејства и слично, во моментов со економската криза придонесе голем број од луѓето да останат без пари. Е, сега, проблемот е што нашиот систем не е уреден – денеска поднесуваш документ, утре добиваш финансиска помош. Не. Денес поднесуваш документ, финансиска помош ќе добиеш по некое време. Но тоа време треба да се преживее“, додава Дуковска.

Проценките на експертите се дека кризата со коронавирусот ќе втурне нови 100.000 луѓе во апсолутна сиромаштија.

Младите и оние на кои им бил раскинат договорот за работа последнава половина година се во голем ризик да западнат во сиромаштија покрај другите ризични групи, како Ромите, еднородните семејства, лицата со здравствени проблеми и уште бројни други категории македонски граѓани.

За загрижувачката состојба сведочи и Љатифе Шикоска, Пратеничката во македонското Собрание. Таа претходниов период направила повеќе средби со граѓани кои и ги опишувале маките со кои се соочуваат.

„Бев во посета на ромското маало „Кванташки пазар“ каде 22 семејства во моментов се исклучени од струја и се без вода… навистина условите таму се екстремни“, вели таа.

Иако Владата претходниов период донесе повеќе социо-економски мерки за спречување на луѓето да западнат во сиромаштијата, Шикоска е свесна е дека во многу случаи институциите потфрлаат во практичното обезбедување поддршка на најсиромашните.

„Одреден број од овие семејства ми кажаа дека се обратиле до Центарот за социјална работа во Гази Баба. Иако ги исполнувале сите услови… има одредени социјални работници кои воопшто не постапуваат и најлесно им е да ги вратат странките, а со тоа се отежнува нивниот живот, особено во период на Ковид-19“, додава Шикоска.

Владата се обиде да го амортизира ударот на пандемијата врз најпогодените преку опуштање на системот на Гарантираната минимална помош, со олеснување на условите за стекнувањето на ова право. Дополнително ефект имаа и ваучерите за млади лица, невработените и за граѓаните со ниски приходи.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска најавува дека со следниот владин пакет ќе се доделат нови картички за купување домашни производи за 182 илјади пензионери, 85 илјади пасивни баратели на работа и скоро 6 илјади самохрани родители. Дополнително најавува дека повеќе лица ќе бидат вклучени во програмата на Гарантираната минимална помош (ГМП).

„Државата нема да ги лимитира средствата. Ќе го прифатиме секое семејство кое ги исполнува условите за ГМП и ќе биде вклучено во системот. Ова ви го тврдам одговорно. 54 милиони евра се средства кои Министерството за труд и социјала точно ќе ги адресира кон најсиромашните во државава. Тоа се средства предвидени за 15,5 илјади нови пријатели на ГМП. Од нив 5.000 веќе се влезени. Останатите пари се предвидуваат за помагање на лицата кои остануваат без работа“, вели Шахпаска.

Иако експертите велат дека дел од Владините мерки помогнаа во ублажување на последиците од кризата, тие сметаат дека неопходно да се размислува за системски решенија.

Во анализата на Институтот „Фајнанс Тинк“ се неколку опции како државата може да го намали ударот врз граѓаните. Прво- и во следната година да останат олеснетите услови за влегување во системот на Гарантирана минимална помош, која во моментов изнесува околу 4.300 денари. И второ – да се подигне прагот на примања на граѓаните, како услов за влез во оваа социјална програма и да се воведе дополнителен времен бонус на оваа сума.

Дуковска, смета дека државната интервенција е неопходна за да се спречи катастрофа од поголеми размери. Дополнително, таа потенцира дека институциите мора да се погрижат во сите идни мерки за најранливите да се води сметка за нееднаквостите и во знаење и во приходи. Тие не смеат да останат неинформирани или пак да немаат технички можности да аплицираат за мерките.

„Мерките мора да продолжат, најверојатно и во целата 2021 година. Секој кој што во периодов западнал во незавидна ситуација да може да користи подолг временски период мерки за да остане вработлив, да не западне на дното. Зошто подоцна повеќе ќе не чини да го извадиме од таа екстремна сиромаштија. Доколку државата престане да интервенира, тоа ќе биде крах од невидени размери“, заклучува Дуковска.

Иако најчесто се спомнуваат како бројка и статистика во извештаите и соопштенијата, секоја од овие цифри зад себе крие своја лична приказна, со свои проблеми и несреќи.

Тоа се животите на Семиран, Седихан и уште десетици и дессетици илјади луѓе во земјава кои се мачат да ја истуркаат секоја недела. Тоа е животот на секој четврти човек околу вас.

Секое четврто семејство во вашиот маалски парк, локален маркет, секое четврто лице со кое се разминувате низ улиците…

Даниел Евросимоски