Регионалното географско друштво ГЕОСФЕРА-Битола покрена петиција за чистење на каналот за прифаќање на поројните води во населбата Баир во Битола, поточно над Бадембалари. Тие бараат и трајно решавање на проблемот со подигање на сметот на оваа локација од страна на ЈП Комуналец.
„Еколошките и комуналните проблеми на Баирот ќе стануваат уште поголеми, доколку се продолжи со нивно игнорирање од страна на надлежните институции“, велат иницијаторите на петицијата.
Во неа појаснуваат дека каналот за прифаќање на поројните води, кој како што посочуваат, постојано се пали и предизвикува енормно аерозагадување во населбата Бадембалари, е проектиран пред 40 години за заштита од поплави, кал и земја, која за време на поројни врнежи се слева од Баирските ридишта до центарот на градот. Преку споредба на сателитските снимки на Google Earth констатирале дека каналот не е исчистен четири години.
Од ГЕОСФЕРА-Битола минатиот месец побарале од ЈП Нискоградба, под чија надлежност е одржувањето на каналите, да го исчисти каналот, бидејќи како што велат, е целосно потрупан со отпад и не ја обавува функцијата за која е изграден, но се уште не добиле одговор на барањето.
„На 29.9.2020 год. поднесовме граѓанска иницијатива до Советот на Општина Битола за решавање на еколошките и комуналните проблеми во населбата Баир, со соодветни предлози – нема одговор; До ЈП Комуналец понудивме донација за поставување на контејнер со капацитет од 5 m3 на локација кај каналот за да можат жителите соодветно да го депонираат отпадот, но и во иднина, доколку се исчисти каналот да не се потрупи со отпад – одговор: не работеле со такви контејнери, без никаков друг предлог“, реагираат од географското друштво.
Неговите членови периодов поделиле триесетина алатки за соголување на кабли на најсиромашното население на Баирот за да не ги палат, со што се надеваат дека ќе се намали аерозагадувањето. Побарале и да се организира откуп на ПВЦ гумата од каблите за да ги стимулираме луѓето за селекција на отпад, но како што велат, немало интерес ниту од Општина Битола, ниту од ЈП Комуналец.
„Доколку брзо не се разбудат сите во градот, палењето на каналот ќе биде секојдневие, и не дај Боже да ни се случи уште едно „Стајковци“ како при невремето во Скопје, па неисчистениот канал да предизвика поплави во Бадембалари. Како граѓанска организација, бараме поддршка на петицијата од сите граѓани и институции во Битола за итно и неодложно чистење на каналот од страна на ЈП Нискоградба и поставување на контејнери и подигање на сметот од страна на ЈП Комуналец“, стои во петицијата достапна на следниот ЛИНК.