Потребна е дигитална инфраструктура во училиштата во Северна Македонија и фокус на тимската работа и интерактивните активности да се охрабрат учениците активно да учествуваат на онлајн часовите, забележува ново истражување на Сојузот на средношколци.
Тие направија онлајн анкета со ученици од целата држава во која ги прашаа за нивна оценка за онлајн наставата.
Според наодите, дури 72 отсто од испитаниците рекле дека во нивните училишта нема стабилна интернет врска за време на часовите, а 41% од севкупниот број на учениците кои учествувале во анкетата ја оцениле ефикасноста на учење на далечина во нивните училишта со единица. Само 20% од испитаниците го оцениле квалитетот на учење на далечина во нивните училишта како многу добар или одличен.
На изјавата „Можам да го задржам вниманието за време на целиот час“, повеќе од половина, односно 59 отсто, одговориле негативно.
„Ова е еден вид парадокс. Додека две третини од испитаниците изјавиле дека активно учествуваат во учење на далечина, 60% рекле дека не се во можност да бидат внимателни во текот на целиот час. Ова откритие зборува за комплексноста на учењето на далечина. Јасно е дека големо мнозинство смета дека учествува во учење на далечина, но скоро еднаков број известува за проблеми со опсегот на вниманието“, забележуваат од Сојузот на средношколци.
Оттаму додаваат дека 64 отсто од испитаниците изјавиле дека отвориле друг прозорец за време на нивните часови. Ова според нив значи дека учениците гледале друга содржина додека биле во онлајн училиште. Седумдесет отсто, пак, од испитаниците рекле дека има ученици во нивните одделенија кои не се поврзуваат на онлајн часови.
Општо земено, испитаниците пријавиле повисоки оценки за квалитетот на онлајн образованието, наместо за неговата ефикасност.
Националната платформа schools.mk е најмногу користена (65%), но не е имплементирана во секое училиште, анализираат од Сојузот. Некои училишта продолжиле да користат други платформи за доделување задачи (како што се Google Classroom и Microsoft Teams), а 3% кажале дека не користат платформа.
Кога станува збор за платформи за онлајн часови – доминира Microsoft Teams. Дури 93% пријавиле употреба на оваа платформа во нивните училишта.
„Поради тоа што наставниците не беа „домаќини/hosts“ на видео часовите, мнозинството ученици се обидуваат да го злоупотребат овој јаз и им го исклучуваат микрофонот на своите врсници, понекогаш и нивните наставници, како и ги исфрлаат другите учесници од видео-часот. Ги замолуваме нашите врсници да не се занимаваат понатаму со вакви практики и всушност да им помагаат на своите наставници за време на часовите, бидејќи овие се тешки времиња за секого и само заедно, со солидарност можеме да го поминеме ова“, апелираат од Сојузот на средношколци, додавајќи дека наставниците теба да користат тактики за инклузивна настава за да вклучат што е можно повеќе ученици.
Покрај ова, од Сојузот препорачуваат да се преземат итни мерки за училиштата кои не користат никаква платформа. Образовните и општинските власти, пак, според нив, мораат да го испитаат прашањето за интернет врски во училиштата. Од Сојузот бараат да се финансираат училиштата со цел да се изгради потребната дигитална инфраструктура што е можно поскоро.
„Инвестициите од раководителите на образованието во нашата земја треба да се зголемат за приспособување и соодветно прилагодување на наставниците во новата средина за учење“, забележува нивното истражување.
Во однос на состојбата на нивното ментално здравје – 40% од испитаниците го оценуваат своето ментално здравје како многу добро или одлично, но 43% го оценуваат со 1 и 2. Покрај тоа, 72% од испитаниците рекле дека учењето на далечина има влијание врз нивното ментално здравје.
За ова прашање, од Сојузот предлагаат училишните служби за поддршка да организираат индивидуални сесии со ученици, за кои има индикации за проблеми со менталното здравје.
Ова e втор извештај на Сојузот на средношколци во однос на онлајн наставата. Наодите од првиот се достапни линкот подолу: