[Став] Уставот во судир со пандемијата

svetomir skarik 200x250

Пишува: Проф. д-р Светомир Шкариќ

Владеењето на правото е под голем притисок. Наместо „поданици на правото“ стануваме заложници на пандемијата, осудени на изолација и карантин.

Неколкумесечната вонредна состојба (март – јуни 2020) не е искористена како што треба – за преземање мерки за остранување на одредени лоши појави од предходниот период, ниту се извлечени корисни поуки за иднината на земјата. Не се покажува ни подготвеност од новоформираните органи за обезбедување континуитет помеѓу мерките преземени за време на вонредната состојба и мерките што се преземаат по нејзиното формално престанување.

Пропуштени можности

Владата пропушти во вонредната состојба да го направи тоа што Собранието не сака да го направи во нормална состојба. Можеше со уредбите со законска сила да разреши бројни прашања што го оптеретуваат македонското општество уште од моментот на осамостојувањето на македонската држава. Како законодавен орган, можеше да интервенира во содржината на поголем број закони и истите да ги прилагоди на вонредната состојба, да ги исчисти од нерационални и колизиони одредби и да ги прилагоди на новите услови. Можеше со уредбите со законска сила да им овозможи на судовите да функционираат онлајн, пред пандемијата да ги стави судиите во изолација. Можеше и да ги прошири основите за судење, отворајќи можност да се суди и врз основа на правда и правичност и на тој начин да се создава пошироко судско право (интуитивно право).

Владата одбегна да ги укине и привилегиите на поранешните претседатели, кои се голем товар на буџетот во услови на пандемијата. Едниот го штити партијата на власт, а другиот опозицијата. Ги штити и Уставниот суд, со тоа што одбегнува да се произнесе за иницијативата на Државната комисија за спречување на корупцијата за оценка на уставноста на Законот за правата на претседателот и неговото семејство од 2004 година, надограден со нови привилегии во 2006 година. И Собранието одбива да го разгледа барањето на антикорупционерите за укинување на наведениот закон.

Вонредната состојба не е искористена ни за намалување на бројот на советниците во државните органи. Не е намален ни бројот на агенциите и комисиите чиј број никој не го знае. Не се укинати ни привилегиите на членовите на управните одбори на јавните претпријатија, регрутирани од партиските редови. Вонредната состојба не ги допре ни буџетските пари наменети за финансирање на партиските институти. Оставено е тоа да го направи некој друг, по престанокот на вонредната состојба.

Не се извлечени ни нужни поуки од вонредната состојба. Пет пати е продолжувана вонредната состојба, а за тоа нема никаква анализа или извештај. Не е напишано што се случило и што требало да се случи. Јавноста малку знае за тоа. Новото собрание не сака дури ни да расправа за одлуките на шефот на државата за воведување на вонредната состојба. Не расправа ни за уредбите со законска сила на Владата, како да не постојат. Собранието е должно да расправа, независно од резултатот на гласањето.

Уредбите со законска сила и натаму важат, независно што вонредната состојба е укината. Тие ќе бидат во сила се додека Собранието не ги укине како законски акти. Зачудува фактот што новата влада не инсистира на континуитет, самоволно се откажува од нив, иако не смее тоа да го прави. Опозицијата треба да ја повика на одговорност поради тоа. Тоа би бил значаен придонес кон јакнење на принципот на владеење на правото, во услови кога вонредната состојба трае како фактичка состојба и кога таквата состојба има нормативно покритие во Европската конвенција за човековите права (ЕКЧП).

Уставот се менува во време на пандемија

Уставот може да остане негибнат, таков како што е напишан, но доживува фактички промени, постепено се преобразува во „фактички устав“. Фактичка промена веќе трпат темелните вредности на уставниот поредок – начелото на поделба на власта и човековите слободи и права. За второто начело се води дискусија но не и за првото, иако од првото начело во голема мера зависат и содржината и обемот на второто начело.

Во услови на пандемија јакне извршната власт. Тоа не треба да не чуди. Пандемијата не трпи дискусија без дејствување. Решението против доминацијата на извршната власт треба да се бара во зајакнување на улогата на Собранието во вонредна состојба, така како што е предвидено со Уставот (чл. 125). Треба да се предвиди и обврската на Собранието да ги потврди или отфрли уредбите со законска сила на Владата. Тоа прашање не е уредено со Уставот. Веројатно поради тоа, уредбите со законска сила не можат да го пробијат патот до Собранието.

Пандемијата го нарушува и кревкиот баланс помеѓу законодавната и извршната власт. Балансот може да се подобри преку Законот за вонредна состојба, ако подетално се уреди парламентарната контрола на Владата во вонредна состојба. Законот треба да се донесе по примерот на Законот за вонредна состојба на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска од 2020 година.

Нови ограничувања

Ограничувања трпат и одредени слободи и права, преку воведување на нови должности. Ограничувањата се вршат со Законот за заштита на населението од заразни болести, донесен под притисок на вториот бран на пандемијата. Законот воведува обврска на задолжително носење маска на отворен простор, држење дистанца, забрана на групирање во домот и на јавни места и задолжителна изолација на лицето од моментот на тестирањето до соопштување на резултатот од страна на здравствените власти. Ограничувањето на слободата на движењето и на неповредливоста на домот имаат покритие во Уставот, во одредбите со кои е предвидено правото на законодавецот да го оганичува движењето на луѓето и да интервенира во домот ако тоа го бара заштита на здравјето на луѓето (чл. 26 и 27).

Забраната за семејно групирање е спорна

Спорна може да биде забраната на семејното групирање. Едно е неповредливоста на домот, а друго е неповредливоста на приватноста на семејниот живот. Во првиот случај може да се влезе во туѓ дом ако тоа го налага заштитата на здравјето или ако треба да се открие или спречи кривичното дело. Во вториот случај, Уставот не предвидува таква можност за законодавецот. Пандемијата појасно ја открива колизијата меѓу наведените уставни одредби, отколку што тоа го прави правната наука.

Законодавецот не може да ја ограничува ни слободата на човекот. Уставот ја ограничува слободата само во случај на мерката притвор, и тоа само со одлука на судот. Уставот детално го уредува притворот, бидејќи слободата на човекот ја третрира како неприкосновена вредност (чл. 12). А изолацијата е ограничување на слободата, наликува на притвор. Поради тоа може да се проблематизира нејзината уставност. Во врска со тоа, може да се проблематизира и прашањето кој е надлежен за одредување на изолацијата – управен орган или судот?

Слободата на вероисповест како апсолутно право

Уставот не предвидува ниту ограничувања на слободата на вероисповест (како што тоа го прави ЕКЧП) и ја третира како апсолутно право, ја воздига на исто рамниште како правото на живот, забраната на мачење, на нечовечкото и понижувачкото постапување и казнување. Во такви услови, државните органи не можат да пропишуваат рестрикции за практикување на верските обреди (групно собирање на верниците, литии и слично). Ниту кога се работи за вонредна состојба или во услови кога се шири пандемијата (чл. 54).

Собранието мора да работи онлајн

Собранието може лесно да заврши во карантин, ако седниците не ги одржува онлајн. И да има поголемо мнозинство, ќе престане да функционира, ако претседателот на Собранието добие решение од Државниот санитарен инспекторат за изолација. Без претседател, Собранието не може да функционира. Уставот е дециден – само претседателот ги свикува седниците на Собранието.

Нема уставни пречки за Собранието да работи онлајн. Уставот не зборува за физичко присуство на пратениците. Не ја споменува ни пленарната сала на Собранието. Зборува за седници на Собранието, без да прецизира каде тие се одржуваат (чл. 66). Собранието може да одржува седници и надвор од зградата на Собранието во Скопје, ако тоа го налагаат воената или вонредната состојба. Може да одржува седници и надвор од земјата, како што тоа се случи со парламентите на некои земји за време на Првата светска војна.

За одржување на седниците онлајн клучни се две личности – генералниот секретар на Собранието и претседателот на Собранието. Првиот е овластен со Деловникот на Собранието да донесува акт за техничко уредување на онлајн седниците, а вториот Уставот го овластува со свој акт да го уреди начинот на известување на јавноста за работата на онлајн – седниците. Го имаат на располагање и собранискиот канал на МРТ. Сосема доволно Собранието да се заштити од последиците на пандемијата и да не престане со работа, како што тоа се случи за време на вонредната состојба.

На онлајн – седници треба да работат и другите колегијални органи на централно и на локално ниво. Судовите можат, во голем дел од случаите, да работат онлајн (на пример, кога станува збор за сослушување на странките), освен кога се работи за случаи каде што е задолжително физичко присуство во одредени фази од судската постапка. Онлајн судењето беше разработено детално на Конференцијата на министрите на правда на Советот на Европа, одржана во Лондон во 2000 година. Оттогаш па наваму ништо не е направено на тој план во Македонија, иако на Конференцијата учествуваше и македонскиот министер за правда.

Никој не знае кога пандемијата ќе заврши. Не се знае и колку време ќе биде потребно за надминување на нејзините последици. Се знае само дека светот се менува, во непозната насока. Нашироко се зборува за postmeridium – постдемократија, постпарламентаризам и посткапитализам. Не се слуша само најпосакуваниот збор – „постпандемија“.

Додека тој збор не се чуе гласно – ќе живееме со страв за нашите животи и за нашето здравје. Дотогаш „Царството на правото“ на Роналд Дворкин ќе биде темелно загрозувано од „Империјата на невидливиот убиец“. Наместо „поданици на правото“ и „живот во правото и со посредство на правото“ стануваме заложници на пандемијата, осудени на изолација и карантин.

*Проф. д-р Светомир Шкариќ е роден во Дојран во 1941 година. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје, а магистрирал и докторирал на Правниот факултет во Белград, под менторство на проф. Јован Ѓорѓевиќ. Бил проферсор по предметот Уставно право на Правниот факултет во Скопје. Автор е на книгите: Law, Force and Peace – Macedonia and Kosovo (2002), Democratic Elections in Macedonia 1990-2002 (2005), Научно толкување – Устав на Република Македонија (2014) и Уставно право, осмо издание (2015). Подолго време работи на учебниците: „Политички теории – нова доба“ и „Уставното право на Европската унија“. Подготвува дваесетина есеи по повод одбележувањето на 70 години од постоењето на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје (1951-2021). Преку блоговите уставното право го доближува до граѓаните, до државната власт и до опозицијата.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.