[Став] Го изгубил ли Путин својот елан?

Nina L Khrushcheva 200x250

Нина Л. Хрушчoва

Поголемиот дел од изминатава деценија, рускиот претседател Владимир Путин помалку беше заинтересиран за решавање на домашните проблеми, отколку за позиционирање на Русија како важен, дури и застрашувачки играч на светската сцена. Но денес, иако можеби има преостанат ентузијазам за мешање во претседателските избори во САД, препирањата со ЕУ за големи и мали прашања како да не се толку возбудливи.

Колку работите може да се сменат за само една година. Есента 2019 година, рускиот претседател Владимир Путин се чинеше дека е во својот зенит. Превирањата на Западот, вклучително и претседателството на Доналд Трамп, драмата околу Брегзит и европските спорови околу различни прашања – од миграција до енергија, му овозможија да ја задржи и зацврсти репутацијата на стабилен и импозантен актер во глобалната политика. Сега, таа стабилност почна повеќе да наликува на склероза, со последици што се протегаат многу подалеку од границите на Русија.

Кризата предизвикана од КОВИД-19 често се претставува како абнормалност – криза без преседан на која мора да се реагира како што не сме реагирале досега. Тоа можеби е точно, но многу од предизвиците што настанаа поради таа криза, како во Русија, така и на Западот, беа зачнати долго пред да се појави САРС-КоВ-2.

Во САД, пандемијата ја продлабочи економската нееднаквост, ги засили расните тензии и ја влоши политичката поларизација. Во Европа, таа јасно покажа колку станал нестабилен трансатлантскиот однос. Во Русија, пандемијата ја разоткри инертноста на режимот на Путин, засилувајќи ја состојбата што всушност може да се нарече „криза на стабилноста“.

Ова се последици од наводната стабилност на Путин, што тој и неговите поданици веќе долго време ја претставуваат како против-мерка на мешањето од Западот. Кремљ мораше да интервенира во Украина и Сирија, со цел да ги стабилизира регионите каде се јавија нарушувања поради западното влијание или поради опасни и ризични потези. Исто така, Русија го измени својот устав, со цел да се продолжи владеењето на Путин, што може да трае до крајот на неговиот живот, затоа што само тој би можел да ја заштити Русија од немирите што го зафатија остатокот од светот.

Меѓутоа, како што Виктор Черномирдин, премиерот од ерата на Елцин, изјави на времето: „Сакавме да биде подобро, но испадна исто како и секогаш“. Веднаш по референдумот, „стабилното лидерство“ на Путин не само што стана непостојано, туку и како да го изгуби духот.

Иако начинот на кој Русија се справи со КОВИД-19 не беше катастрофален како во Америка, Индија, па дури и Шпанија, тоа не е благодарение на Путин, кој остана безбедно заштитен во Кремљ, додека гувернерите и државните институции се натпреваруваа за признание за нивното „супериорно“ справување со кризата. Не изненадува фактот што на овој начин се дојде до сосема различни резултати. Во Москва, градоначалникот кој ги следи сите состојби и е зависен од работа, Сергеј Собјанин, спроведе соодветни мерки за справување, и покрај некои организациски пропусти. Во други области, како што се Магадан и Калмикија, во мерките имаше повеќе превиди.

Генерално, државата понуди минимална поддршка на малите бизниси и работниците, и покрај нивната клучна улога како двигатели на економијата. Дури и верниот поддржувач на Путин, Алексеј Кудрин, кој е на чело на Државната сметководствена комора (тело надлежно за финансиски надзор), неодамна призна дека овој пристап е неразумен, што остро се коси со долгогодишната пракса на Кремљ да прави политички потези чија главна цел е да се обезбеди забава и разонода за луѓето, со помош на јавни саеми, бесплатни концерти и државни празници, за народот да биде доволно задоволен и вниманието да му биде одвлечено, за да нема побуни.

Ваквата промена малку потсетува на сталинизмот во доцната фаза. Во неговите последни денови, Сталин се фокусирал на гонење на народните непријатели и на работата на безбедносните државни органи – а сосема го занемарил останатото. По неговата смрт, на неговото биро биле пронајдени купишта неотворени и непотпишани документи.

И на Путин, кој сè повеќе потсетува на Сталин, се чини дека му додеаја задачите што лидерството ги носи со себе. Неспорно е дека во поголемиот дел од последната деценија, тој беше многу помалку заинтересиран за решавање на домашните проблеми отколку за позиционирање на Русија како важен, дури и застрашувачки актер на светската сцена. Но денес, иако можеби има преостанат ентузијазам за мешање во претседателските избори во САД, препирањата со ЕУ за големи и мали прашања како да не се толку возбудливи.

На пример, Путин не коментираше многу за труењето на неговиот главен опозициски ривал Алексеј Навални. Без оглед дали Путин стои директно зад неуспешниот напад, тоа претставуваше понижување за него, а апатичните деманти од Кремљ го прикажаа нередот на неговиот режим.

Исто така, откако во Белорусија започнаа протестите поради наместени претседателски избори, Путин чекаше со недели да ја изрази својата поддршка за авторитарниот водач Александар Лукашенко. И кога го стори тоа, не беше со онаа позната жестокост на Путин. Се чинеше како да го прави тоа механички.

Вистина, на последната седница на Клубот за дискусии во Валдаи, Путин, кој се обрати преку интернет, го потврди статусот на Русија како примарен наследник на Советскиот сојуз (истовремено наведувајќи го белорускиот пример за уште еднаш да изјави дека Русија не се меша во работите на другите земји) Но, неговата изјава беше без жар и звучеше неуверливо.

Во реакцијата на Путин на растечкиот конфликт поврзан со Нагорно-Карабах, сепаратистичката ерменска енклава во Азербејџан, се гледа слична летаргија. Кога Ерменија и Азербејџан последен пат се судрија пред четири години, Русија успеа да го смири конфликтот за четири дена. Овој пат, борбите продолжуваат и после еден месец. Можеби насетувајќи дека Путин нема активно да се вклучи, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, ги стега мускулите како знак на поддршка на Азербејџан.

Во меѓувреме, во Киргистан, широко распространетите протести ја принудија владата да ги поништи резултатите од парламентарните избори на 4 октомври и да си даде оставка. Кремљ соопшти дека постојниот безбедносен договор ја обврзува Русија да спречи распаѓање на ситуацијата. Но, земјата останува заглавена во хаос.

Колапсот на киргистанската влада можеби е предвесник на судбината на Путин. Неспорно е дека тој веќе еднаш се опорави од сличен пад, кога се врати на претседателската позиција во 2012 година. Во тоа време, негативните резултати од анкетите за него беа аларм за будење, па така освежен, Путин играше со неколку геополитички адути – давајќи му азил на поранешниот американски разузнувач Едвард Сноуден, припојувајќи го Крим и интервенирајќи во Сирија, што му ја обнови репутацијата на сериозна сила.

Но поддршката за Путин и денес се намалува, само што се чини дека овој пат алармот не се огласил. Инерцијата и стагнацијата на неговиот режим се видливи, а сенката на небитност полека довјасува.

*Нина Л. Хрушчова, професор по меѓународни прашања во „ The New School“, е виш соработник во Институтот за светска политика. Најновото дело, напишано во коавторство со Џефри Тејлер, е наречено: “In Putin’s Footsteps: Searching for the Soul of an Empire Across Russia’s Eleven Time Zones” („По стапките на Путин: Во потрага по душата на една империја низ седумте временски зони на Русија“).

Авторски права: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.