Испитите по државна матура не треба да бидат полагани во 2020/2021, туку средношколците да ја изработат само проектната задача, бараат од Сојузот на средношколци.
„Државната матура нема да биде ефективно тестирање за матурантите во оваа учебна година. Лошата состојба на наставата од далечина од март до јуни 2020 година, дополнета со скратените наставни програми поради пролонгираниот почеток на оваа учебна година, само ја отежнуваат можноста на средношколците адекватно да се подготват за матурските испити“, стои во барањето на Сојузот.
Оттаму сметаат дека полагањето матурски испити припаѓаат на едно застарено образовно решение.
„Тестирањата, во конвенционалната смисла на зборот, постепено се исфрлаат од образовните системи на развиените држави. Општоприфатениот факт дека препишувањето на испитите е широка појава само ја намалува кредибилноста на државната матура“, велат од Сојузот.
Тие ја поздравуваат одлуката на Министерството за образование и наука за реформирање на проектната задача. Реформата, според нив, ја прави проектната задача многу поинтересна и го ослободува креатнивниот потенцијал на секој поединечен матурант. Затоа предлагаат проектната задача да остане дел од државната матура и во оваа учебна година.
Сепак, од Сојузот апелираат секоја одлука директно поврзана со средношколците да биде донесена со вклучување на учениците.