Во Македонска филхармонија утре (вторник, 12 ноември) од 19 часот ќе се одржи концертот на Кајхан Калхор и Ердал Ерзинкан, во склоп на овогодинешното издание на фестивалот „Оффест“.
Од фестивалот велат дека добитникот на наградата Греми и наградата Womex Artist Award за 2019 година, Кајхан Калхор, се смета за најголемиот светски мајстор на иранското ќемане (персиска виолина).
„Меѓу сите негови бројни проекти и уникатни соработки што го привлекoa вниманието на публиката низ целиот свет, секако едно од највозбудливите е дуото со познатиот турски виртуоз на инструментот саз Ердал Ерзинкан“, се вели во најавата за концертот.
Нивниот заеднички албум „Тhe Wind“ беше објавен за ECM во 2006 година и оттогаш оваа соработка е непрекината и жива. Класичните музички традиции на Персија и на Отоманска Турција што ја инспирираат музиката на Калхор и Ерзинкан имаат многу заеднички нешта, велат од фестивалот, вклучувајќи го и древниот модален композициски систем познат како „макам“, а идејата за импровизација игра огромна улога во нивните духовно и емотивно моќни настапи.
„Нивната музика е сосема модерна и настојува да го вовлече слушателот во своето кралство на трансот, со преплетување на екстатичните ритми и сензуалните мелодични фрази. Резултатот е збир на инструментални композиции коишто се влеваат една во друга како едно континуирано дело, со нежно лебдечки премини во кои двата инструмента одекнуваат и импровизираат на различни музички парчиња“, стои во најавата на „Оффест“.