Со плакати од 75 светски дизајнери и 56 земји од светот, од денес па до 26 ноември, во Младинскиот културен центар е отворена изложбата „Цврсто, сите заедно“. Изложбата е во склоп на 13 издание на Скопје постер фестивал, од страна на „Плакарт“, а оваа година дизајните ќе имаат за цел да поттикнат движење за поддршка во борбата со пандемијата предизвикана од Ковид-19 и сите предизвици поврзани со неа.
Целата иницијатива се реализира во соработка со „Poster Тerritory” од Калифорнија, Чешката асоцијација за графички дизајн, Московското биенале и реномираниот дизајнер Мирко Илиќ од Њујорк – познат на нашата публика како еден од најинспиративните дизајнери и стрип-уметници од поранешна Југославија.
На изложбата ќе бидат претставени и студентски плакати, кои се приклучија на повикот на нашата иницијатива и секако заеднички ќе дадеме придонес во ширењето на мисијата и гласот на уметникот.
Дел од дизајнерите што ќе бидат застапени се Јоси Лемел (Израел), Мирко Илиќ (Њујорк), Хавиер Борбола (Куба), Адек Сапутра (Индонезија), Петре Поч (Унгарија), Тирсо Цезар (Италија), Кристофер Скот (Еквадор), Луис Ривера (Бразил), Ерин Брајт (САД), Роберт Јанг (Велика Британија), Небојша Гелевски и Лазе Трипков (Македонија) и Хитоши Мјура (Јапонија).
Од Младинскиот културен центар известуваат дека согласно препораките против коронавирусот, нема да има посебен термин за отворање на изложбата, а сите заинтересирани ќе може да ја посетат изложбата согласно препораките за почитување на мерките од Ковид-19, секој ден во период од 10 до 20 часот.