Владата прогласи 30-дневна кризна состојба

Одлука за постоење на кризна состојба на територијата на целата земја, донесе Владата на Република Северна Македонија на вечерашната 23-та седница, заради заштита на јавното здравје во услови на пандемијата со Ковид-19, информираат од Владата.

Од Владата појаснуваат дека ваквата одлука доаѓа по предлогот на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, по претходен предлог на Групата за процена.

„Претходно на седница, Советот за безбедност препорача прогласување кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија, со цел ефикасно справување со последиците од кризата заради корона-кризата. Периодот за постоење на кризна состојба на територија на Северна Македонија е во траење од 30 дена, почнувајќи од 20 ноември 2020 година и за оваа Одлука Владата ќе го извести Претседателот на Република Северна Македонија и Собранието“, се додава во владиното соопштение.

Исто така, Владата, како што информираат оттаму, ќе му предложи на Претседателот да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата во справување со кризната состојба, во однос на вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици, додаваат оттаму.

„Владата заклучи, Главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш да започне со подготовка на Акциски план за превенција и справување со ширењето на заразната болест КОВИД-19, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување. Владата донесе заклучок и Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за здравство, Армијата, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, сите расположливи капацитети и ресурси да ги стават во функција на справување со кризната состојба“, информираат од Владата.

Радио МОФ претходно подготви подкаст во однос на кризната состојба, кој може да се проследи на линкот подолу:

Во земјава моментално има над 19.500 активни случаи со Ковид-19, додека над 1.400 лица починале.