Пет години откако ја почна својата хумана акција за собирање и поправка на стари компјутери, кавадарчанецот Борче Стаменов денеска соопшти дека го донираше 500-тиот компјутер. Неговата иницијатива #ДонирајКомпјутер за која Радио МОФ пишуваше во повеќе наврати, се прочу низ цела држава, а пандемијата и онлајн наставата беше дополнителна мотивација за хуманиот компјутерџија.
„Лично целава акција ја рачунам како огромен успех. Да организираш вакво нешто воопшто не е мала работа. Од комункација до логистика. Да сплотиш толку многу народ со една иста идеја да се помогне на оние на кои им е потреба помош. Пандемијата и онлајн наставата само го зголемија предизвикот на кој ние како идеја жестоко одговоривме. 500 компјутера е далеку поголема бројка од онаа што ја предвидував. Но, успеавме! Напорот и притисокот беа големи но на крај на денот она “благодарам” од срце направија цела оваа авантура да се “исплaти”, вели Стаменов за Радио МОФ.
Иииииииии само што го спакував компјутерот со број 500. Пееееееееессссссттттттоткааааа другарииии!!!!!!! ✊🇲🇰#ДонирајКомпјутер pic.twitter.com/U8LmSK4uoe
— Шлапатало (@shlapatalo) November 24, 2020
И покрај напорната работа, додава дека нема да се откаже од акцијата.
„Не застануваме тука, еве ја кај е илјадарката“, додава тој.