Герман Филков: Остварувањето на правото на слободен пристап до информации сè уште ограничено

Остварувањето на правото на слободен пристап до информации е сè уште ограничено и за него се знае малку меѓу граѓаните. Него повеќе го користат граѓанските организации, а во последните години и медиумите, и тука завршува примената на ваквото право, ова го смета Герман Филков, претседателот на организацијата Центар за граѓански комуникации кои денеска организираа дебата за спроведувањето на измените на законот за слободен пристап до информации од јавен карактер кои беа донесени пред една година.

Според Филков со остварувањето на ваквото право се овозможува поголем ангажман на граѓаните, и тој додаде дека само граѓани со точни, навремени и повеќе информации можат да бидат активни чинители во демократијата во општеството. На пристапот сега, тој смета дека треба да се гледа пошироко.

„Ние сè уште малку тесно го гледаме пристапот до информации, законот, барања, па одговори. Лично, не ми се допаѓа тој однос барања, одговори. Затоа што ова што ние треба да го правиме сега е информациите да стануваат достапни, да стануваат на располагање, тоа барање да дојде во исклучителни информации кога навистина нешто поспецифично ни треба. Оттука, мислам дека едно од решенијата е т.н. активна транспарентност, проактивното објавување на информации од јавен карактер. Односно, институциите да ги стават достапни сите оние информации со кои што располагаат“, рече Филков.

Надоврзувајќи се, тој рече дека постојат и дополнителни документи кои го бараат тоа, посочувајќи на Стратегијата за транспарентност на Владата и Стратегијата за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Претседателот на Центарот кусо ги престави и наодите од Анализата на примената на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, која е направена врз основа на 460 барања за слободен пристап кои тие ги испратиле.

„Во законскиот рок од 20 дена, на барањата одговориле 51% од институциите, така што, половина само го запазиле новиот скратен рок, максимален рок, да повториме, бидејќи рокот е веднаш, но најдоцна 20 дена, за да одговорат на барањето. Просечниот број денови е 23, меѓутоа, овде морам да напоменам дека не се задоволивме со просекот, затоа што, во долга низа како оваа, со 460 единици, статистичарите препорачуваат да се воведат и некои други мерки, за да се пресмета овој просечен рок кога одговориле на барањата за слободен пристап. Така што, модата како најчеста големина од низата, најчестото институциите одговориле за 29 дена, што се совпаѓа некако со претходниот, со стариот рок“, рече меѓудругото Филков.

Филков посочи дека жалбите не ги поднесуваат одма, туку, прво се обидуваат да ги потсетат имателите и да ги контактираат, затоа што, како што рече, нив им е потребна информацијата.

„Меѓутоа, и во крајни случаи поднесовме 60 жалби, што се 13% од сите овие наши барања и најголем број од нив, 75% кај нас, беа поради тоа што не беше добиен никаков одговор, значи поради молчењето на управата“, додаде тој.

Новинарот Владо Апостолов од медиумот „Призма“, го сподели неговото и искуството од колегите поврзано со остварувањето на ова право. Според него, институциите одговараат при крајот на рокот или неколку дена подоцна. Во однос пак, на квалитетот на одговорот, тој посочи дека тоа зависи многу од капацитетот на институција од каде што се бараат одговорите.

„На пример, секогаш било проблем да се добие информација од мала општина или мала институција, со малку вработени. Тоа, генерално продолжи и покрај промените на законот…нели, се скрати рокот“, потенцираше Апостолов.

Новинарот истакна дека со неговиот медиум се обиделе да тестираат колку париите го почитуваат законот, додавајќи дека, тие во делот на нивното финансиско работење имаат обврска да даваат информации од јавен карактер.

„Генерално можам да кажам дека искуството или заклучокот е дека партиите не се подготвени или подобро кажано не се расположени да го почитуваат законот и да ги даваат информациите што ние мислиме дека се од јавен карактер, и покрај тоа што, буквално секоја од нив има назначено лице за таа работа, што има обврска да ги сервисира граѓаните, новинарите и невладините кога ќе побараат информации од јавен карактер. Заклучокот е тој, едноставно го чуствуваат како упад во нивните приватни работи, нашето барање да добиеме некоја информација“, рече Апостолов.

Директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер Пламенка Бојчева на настанот посочи дека во однос на поднесените жалби, повеќе од 80% се поднесени поради молчењето на управите, потенцирајќи дека тоа е нешто што имателите на информации воопшто не смеат да го користат.

„Честа е и ситуацијата кога барателот ќе поднесе жалба до Агенцијата, а Агенцијата согласно одредбите од законот за општа управна постпка, електронски ја доставуваме до имателот на информациите, да се произнесе и да даде одговор на жалбата во рок од седум дена. Дури тогаш, најчесто во голем број од случаите, тогаш имателите на информациите одговараат на барањето, што е секако погрешна пракса“, рече Бојчева.

Меѓудругото, Бојчева посочи дека од анализата на Центарот за граѓански комуникации, дознале дека тие како баратели комуницираат со имателите, и потенцираше дека тоа е практика која ја поттикнуваат и поддржуваат.

„Потребна е постојаност во комуникацијата помеѓу имателите и барателите на информација, се со цел да се добие позитивен одговор на бараната информација“, децидна е Бојчева.

Со последните измени на законот во 2019 година, се скрати рокот во кој институциите се обврзани да ги доставуваат информациите до барателите. Првичниот закон пак, почна да се применува на 1 септември 2006 година.

М.К.