Во Галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) од 4 до 13 декември ќе биде поставена изложбата „Сеќавање за Сион“ на младиот уметник Давид Атанасоски.
Отворањето на изложбата на 4 декември е од 20 часот.
Кураторката Ангела Витановска вели дека делата на Атанасоски бараат согледување, размислување. Тие се моќни во привидот на едноставноста. И секое дело одделно егзистира како автохтон сегмент.
„Тие го добиваат значењето на универзалното, погледот кон Спасителот. Неговиот ‘објектив’ навлегува во порите на инкарнатот, кој обилува со светоста на духовноста и со сакралноста на животот. Наизглед сосема спонтани и едноставни, неговите дела се секвенци на опозитот на сите контрасти и сеќавања што ги носи животот, кои кај секој од нас, наеднаш знаат да се извишат во хармонија на една чиста духовност, во која се забележува една нескротлива и на моменти, навидум ‘дива’, амбивалентна ритмика, а сепак структура што авторот успеал да ја ‘скроти’ и да ја претвори во една совршена целина, каде што секој сегмент од картонот го пронашол своето место, оформувајќи една целосно хомогена структура, што всушност е и еден од главните цели на неговиот истражувачки процес. Ритмичното повторување на сегментите во целината, ја нагласува динамиката што авторот претендира да ја создаде, која во голема мера зависи од позиционирањето на парчето картон или хартија и точно одредениот пресек на внатрешноста што го дава движењето и рамнотежата на композицијата“, пишува Витановска.
Давид Атанасоски е роден во Прилеп 1995 година. Во 2018 година завршува факултет за ликовни уметности во Скопје, отсек Вајарство со конзервација и реставрација. Член на меѓународната организација за уметност и култура Narrative Movment.