Охрид СОС: Петицијата за спас на Преспанско Езеро поднесена до Владата и МЖСПП

На 27 ноември до Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) поднесовме 5.522 потписи од петицијата: Барање за преземање итни мерки за спас на Преспанско Езеро, собрани од 25 септември до 25 ноември. Воедно, петицијата беше поддржана од 31 граѓанска организација, информираат од Охрид СОС:

Иницијативата вели дека во прилог кон потписите беше доставен допис во кој се осврнале на активностите за кои дознаваат преку соопштенијата на МЖСПП, како и дописот кој министерството го испрати до нас на 28 септември.

„Од тогаш, па до денес забележуваме напредок во однос на експертската група која работи на изготвување на акциски план. Но, нема никаква информација за трилатералното тело кое треба да работи на координирани мерки и активности со оглед на тоа што Преспанско Езеро припаѓа на три држави. Исто така, не се оствари ни најавата за можно прогласување кризна состојба во Преспанскиот слив како што се бараше и во петицијата, а беше најавено за 1 октомври 2020“, забележува иницијативата.

Особено укажале дека МЖСПП избира со јавноста да комуницира, како што велат, само преку оскудни и спорадични Фејсбук соопштенија.

„Изминаа 9 месеци откако „Надлежните институции (се собраа) на координација за преземање на итни активности за заштита на Преспанското Езеро“. Наместо тоа, состаноците станаа лајтмотив на ‘борбата’ за спас на Преспанско Езеро и јавноста сè уште има впечаток дека одлучни мерки не се преземени“, се вели во реакцијата.

Иако на 25 септември било побарано на веб-страницата на министерството да посветат посебна страница на Преспанско Езеро, велат активистите, МЖСПП си земало за право да одлучува дали и колку граѓаните ќе бидат информирани.

„Во оваа прилика го повторивме барањето за посветена страница со сите поврзани документи, тајмлајн, каде секој, во секое време ќе може да се информира за состојбата, најновите сознанија, мерките, што точно се работи и каков е напредокот. Исто така ја реафирмиравме потребата од прогласување кризина состојба за непречено и ефикасно спроведување на мерките како и интензивирање на прекуграничната соработка и дефинирање на работни задачи до крајот на годината. И секако, очекуваме акциски план кој беше најавен за крајот на ноември, а за кој сè уште нема информација, да биде објавен и ставен во акција час поскоро“, потенцираат од Охрид СОС.

Петицијата ја остават отворена со оглед на тоа што, велат тие, сè уште чекаат активности на терен, додека Преспанско Езеро продолжува да се празни.

„И ве повикуваме да ја поддржите со што јасно ќе кажете дека во услови на климатска криза, мора да се најде одржлив начин на управување. Третманот на нашето природно богатство, децениски запоставувано, но непречено искористувано, мора да запре!“, се вели во соопштението на Охрид СОС.