Во Сан Франциско изгласана забрана за пушење цигари во становите, но не и марихуана

Пушењето ќе биде забрането во домовите во Сан Франциско, но, со еден исклучок, за марихуана, јавува „Си-Ен-Ен“. Ваква одлука донесе Градската комисија во вторникот со 10 гласови за и еден против.

Уредбата е со цел да се заштитат луѓето од пасивно пушење. Откако таа ќе се усвои, пушењето ќе се забрани во внатрешноста на зградите со три или повеќе станови, но и во сите заеднички простории. Во уредбата се наведува дека е дозволено возрасните лица да користат марихуана за рекреативна употреба, како и за медицинска употреба.

Прекршителите на уредбата може да се соочат со парична казна од 1.000 американски долари.

Пушењето е веќе нелегално во заедничките простории, но со оваа уредба забраната се прошири и на внатрешноста на становите.

Супервизорот Норман Ји, кој ја напиша уредбата на Твитер им се заблагодари на колегите за „нивната поддршка“.

„Пасивното пушење предизвикува штета и секој треба да има чист воздух за дишење каде што живее“, напиша Ји на Твитер.

Комисијата треба да се состане уште еднаш следната недела, пред уредбата да дојде до градоначалничката Лондон Брид. Ако таа ја потпише уредбата, истата ќе стапи на сила 30 дена подоцна.