„Останете дома“, порача американски градоначалник од мексиканско летувалиште

Градоначалникот на Остин Стив Адлер е последниот во низата политичари кој е обвинет за лицемерие. Тој ги повика граѓаните да останат дома заради големиот број на новозаразени со коронавирусот, додека тој со неговото семејство со приватен авион замина на летување во Мексико, пишува „Би-Би-Си“.

Адлер сними видео од одморалиште во кое ги повикува граѓаните да се вратат дома, со зборовите „не е време за опуштање“.

Меѓутоа, Адлер, негира дека ги прекршил сопствените препораки. За весникот „Austin American-Statesman“, каде тој призна дека заминал на пат, рече дека „во тој период немало препораки за да не се патува“.

Потоа, тој понатаму изјави дека „некој можеше да ме види и да рече ‘тој патуваше’, но не можат да кажат дека сум патувал во време кога им велев на другите да не патуваат“, рече тој.

Весникот исто така наведува дека Адлер минатиот месец за својата ќерка направил свадбена прослава на отворено со 20 гости во еден луксузен хотел во градот.

Градоначалникот за весникот призна дека маските што биле поделени на гостите, „веројатно не се носеле цело време“.

Следниот ден пак, градоначалникот и седум други лица кои присуствувале на прославата, со приватен авион заминале во туристичкиот град Кабо Сан Лукас, каде летувале една недела.

Една ноќ тој преку видеоснимка на Фејсбук им се обрати на жителите на Остин, но не навести дека се наоѓа надвор од градот.

„Мораме да останеме во своите домови, ако можеме. Не е време да се опуштиме. Треба да бидеме внимателни“, рече Адлер.