Неколку дена откако беа пронајдени два сјајни метални монолити на различните страни на светот, во американската држава Јута и во Романија, трета ваква конструкција се појави и брзо исчезна во Калифорнија.
Откако на социјалните мрежи се појавија фотографии од овој скоро четири метарски објект на врвот на планинарска стаза во Паркот Атаскадеро, на половина пат помеѓу Сан Франциско и Лос Анџелес, тоа привлече многу планинари да се упатат до местото.
Но вчера монолитот во Калифорнија исчезнал, најверојатно бил однесен од група млади луѓе кои дошле на местото, напишале на Фејсбук од градот Атаскадеро.
Групата на местото на структурата поставила дрвен крст, кој исто така исчезнал во меѓувреме. Овој чин ги налутил локалните жители.
„Вознемирени сме што млади луѓе почувствуваа потреба да возат 5 часа и да дојдат до нашето место и да го вандализираат монолитот. Монолитот беше нешто уникатно и интересно во еден стресен период“, рекол градоначалникот на гратчето, Хедер Морено.
Пред неколку дена сличен монолит се појави во Романија, по што исто исчезнал од локацијата, а претходно ваква конструкција се појави и во Јута и исто така исчезна. Овие случаи предизвикаа интерес во јавноста и подгреаа многу шпекулации дека станува збор за дело на вонземјани.
Сепак, она што е многу поверојатно, е дека станува збор за шега или уметничка инсталација инспирирана од научно фантастичниот роман 2001: Одисеја во вселената.
Во книгата од писателот Артур Ц Кларк, која потоа беше и претворена во филм од режисерот Стенли Кјубрик, се појавува токму ваков монолит во Африка пред три милиони години. Овој објект, испратен од непозната вонземјанска цивилизација пренесува интелигенција на изгладнето племе човеколики мајмуни, кои потоа успеваат да развијат основни алати со кои успеваат да стават крај на нивниот глад. Во книгата, монолитот се користи како алатка од вонземјаните за да ја истражат галаксијата и да развиваат интелигентен живот.
Дел од информираната јавност веднаш посочи дека оваа инсталација може да е дело на американскиот артист Џон Мек Кракен, кој живеел токму во близина на Ново Мексико и починал во 2011 година. Мек Кракен бил познат по скулптури кои стојат во простор во вид на пирамиди и коцки.
Сепак и понатаму никој официјално нема преземено одговорност за појавата на монолитите.