Трансродовите лица сè погласно зборуваат за своите предизвици. Сепак, овие лица и понатаму стравуваат од говорот на омраза, присутен онлајн и офлајн, како и незгодни прашања од јавноста кои често завршуваат со: „А ти што си?“. Социјалните мрежи и граѓанскиот сектор се платформите преку кои најчесто ги упатуваат своите пораки и ги едуцираат граѓаните за својот избор. Пресвртна точка беше неодамнешната пресуда во Стразбур во случајот „Лицето Икс против Македонија“, со која трансродово лице по цела деценија успеа да си го смени полот во матичната книга.
Мариа е млада транс девојка од внатрешноста на Северна Македонија, која преку едукативни видеа на Јутјуб и Тик Ток, јавно зборува за правата на транс лицата.
„Не сакам да се жалам. За разлика од претходните години мислам дека е доста подобро. Сепак, некои трансродови луѓе сè уште се соочуваат со проблеми од типот на „Ти машко или женско си?” или пак, со други зборови кои се доста сензитивни за нас. Присутно е потпрашувањето како на улица, така и во некои јавни институции. Ние не сме должни да се објаснуваме и тоа баш на такви јавни места“, вели таа.
Мариа дополнува дека порано се соочувала со дискриминација во местото каде што живее, но забележува дека работите започнале да се поправаат.
„Самата живеам во едно помало конзервативно место кај што порано луѓето не беа ни чуле за терминот „трансродност”. Нормално, порано се соочував со дискриминација, но сега можам да се пофалам дека сум прифатена од општеството затоа што одамна почнав со едукациони видеа кај што ги прикачував на платформата „YouTube” а сега веќе и на „TikTok”, и навистина мислам дека излезот од овие ткн. предрасуди е во едукацијата, пред сè на младите во училиштата, а потоа и кај повозрасните“, објаснува таа.
„Сензационализам и безобразлук“
Лицето Икс ѝ стана познато на македонската јавност преку неговата десетгодишна правна битка со надлежните институции кои одбиваа да ја променат ознаката за полот во личните документи. Судскиот процес кој започна во 2011 година, беше решен во Европскиот суд за човекови права во Стразбур во корист на Икс, во 2019 година. Но, како што вели и самиот Икс, борбата за транс правата не завршува со една победена битка.
Според него, загрижувачки е степенот на говор на омраза и во реалноста и во дигиталниот простор. Потсетувајќи се на транс маршот за права во 2017 година, тој се сеќава како социјалните мрежи послужиле за ширење на говор на омраза.
„Тогаш се виде дека всушност луѓето, имаат потреба од една едукација затоа што различни групи, различни сексуални родови и малцинства ги ставаат во групи со одредени поединци чии што однесување е казниво, е апсолутно недозволиво. Меѓутоа, тоа сè се става во еден кош и што знам, впечатокот е дека мораат својата омраза да ја изнесат некако и некаде. Се повикува на насилство, се повикува на смрт буквално. Едноставно тоа е језив впечаток, се надевам дека со тек на време, тоа ќе успееме да го намалиме“, вели тој.
Ова, според Икс, потоа се пресликува во „класични“ случаи каде транс лицата не можат да бидат услужени во угостителски објекти и тоа е најчесто придружено со грозоморни зборови кои што се разбира понатаму влијаат и на психолошкото здравје.
Сепак, кога транс лицата не се прифатени од околината, конфортот го наоѓаат во заедницата.
„Мене ми се има случено да се запознаам со друго транс лице и да се чувствувам ко да се знаеме 10 години зошто без еден збор веќе си ги знаеме искуствата горе-долу. Така што, такви нерформални дружби се случуваат цело време. Постои едно многу поголемо ниво на разбирање, блискост и солидарност баш поради тие тешки ситуации кои ги поминуваме“, нагласува тој.
Лицето Икс вели дека во блиското минато немало отворен дијалог за транс права. Во медиумите, се појавиле интервјуа со евровизиската победничка Дана Интернационал во 1998 година, но освен неколку сензационалистички текстови немало никакво обработување на темата за транс права.
При известување, новинарите често сакајќи да ја доближат темата до генералната публика, прават поголема штета, смета лицето Икс.
„Во статиите кои излегоа кога пресудата беше донесена, бев нарекуван жената што сака да биде маж. Тоа е чист сензационализам, јас не знам која друга етикета да ја залепам освен сензационализам и безобразлук. Зошто ако јас кажам дека се идентификувам како маж и тоа не се почитува, тогаш имаме проблем уште од самиот старт со лицето кое ја пишува таа статија. Лицето коешто ја пишува таа статија нема никакво право да ја земе претходната верзија од транс лицето и да ја изложи пред јавноста за лицето да биде перцепирано во таа верзија, за потоа да биде кажано дека тоа лице станало нешто друго. Транс лицата се тоа што се идентификуваат и тоа е тоа што нив ги прави и мажи и жени, небинарни лица и безродови лица“, вели тој.
ЛГБТИ+ младите шестпати повеќе страдаат од депресија
Мариа решила јавно да зборува на оваа проблематика бидејќи знае низ што поминува ЛГБТИ+ заедницата во секојдневието.
„Се решив вака јавно да зборам околу ова за да ја разбудам свеста кај останатите луѓе за да сфатат дека без разлика на родовниот идентитет или пак сексуалната ориентација ние сепак сме луѓе полни со љубов“, нагласува таа.
Мариа истакнува дека ЛГБТИ+ заедницата се чувстува отфрлено и на некој начин изолирано од семејството и пријателите на кои не им е позната вистината за тие лица.
„Со самата таа изолација кај ЛГБТИ+ лицата се јавува анксиозност или пак депресија која што некогаш може да остане и хронична“, вели таа.
Ова го потврдуваат и последните податоци од повеќегодишно меѓународно истражување во кое се вклучени вкупно 40 земји, меѓу кои и Северна Македонија. Според нив, младите геј, лезбејки и бисексуални лица од земјава, на возраст од 13 до 15 години, дури шест пати повеќе страдаат од депресија, имаат намери и размислуваат на самоубиство и се жртви на насилство како во домовите, така и во училиштата.
Истражувањето кое го следи однесувањето на младината, покажало и дека овие млади лица имаат до 3/4 пати помала поддршка од стручните служби, врсниците и родителите.
„Сите деца се еднакви, ама и не се баш еднакви во искуствата што ги имаат“, забележува Славчо Димитров од „Коалиција Маргини“.
Тој потенцира дека со минимална разлика помеѓу момчињата и девојчињата, и во македонската и во албанската етничка заедница, сметаат дека местото на жените и девојчињата им е во домот. Дека мажите се тие кои што треба да работат, да заработуваат, да имаат авторитет во куќата, во семејството.
„Кај девојчињата ја имате тенденцијата на искусување, но и одржување на позицијата на жртва преку себеповлекување, свртување навнатре кон самите себеси кога се соочуваат со проблеми, со нејаснотии, со потешкотии во исклучително кревок период на адолесценција, стекнуваат слики за сопственото тело, чувство на самите себе, како се перцепираат сексуално со сопствените можности. Додека кај момчињата, проблемите и отсуството на каква и да било поддршка ги решаваат со практикување, престапните репертоари на однесување – насилство, судири со врсниците, навреди. Тоа го искусуваат и во семејството дел од нив, но го гледаат и во пошироката средина иако скоро подеднакво страдаат ментално, и девојчињата и момчињата“, вели Димитров.
Но, наспроти ова, македонските млади покажале многу поголемо задоволство од животот, за разлика од младите во другите земји, иако според него, тоа е лажна перцепција.
„Ако отидете малку под тој слој, ќе видите дека ова поголемо задоволство од животот што го имаат младите, е резултат на безбедното небо и перниците, облаците, кои им се дадени при живеењето во патријахална средина. Бидејќи се врзани за семејството, немаат можности да бидат автономни, да одлучуваат сами за својот живот, да се соочени со предизвикот, со ризикот и со неизвесноста на носење одлука бидејќи живеат со нивните родители, и додека тоа им е safe haven, семејството, таа мала патријахална средина во која ќе живеат до одредена возраст, ќе се осеќаат безбедно, но во исто време тоа е средина во која им се всадуваат најстрашните стереотипи како модели на однесување, како родовите стереотипи“, заклучува тој.
Интима, приватност, активизам
Икс решил да го зачува својот идентитет при неговата јавна борба за транс права. Во овие 10 години, неговиот вистински идентитет го знаат само оние на кои тој одлучил да им каже.
Интимата од друга страна е покомплициран домен, вели тој, додавајќи дека цис родовите лица, односно лицата чијшто род и пол се во склад со полот од раѓање, не се изложени на истите прашања кои ги добиваат транс лицата.
„Во реалноста и на интернет, транс лицата се среќаваат со лица кои сакаат да знаат дали имаат напраено операција, второ дали земаат хормони, трето дали имаат дечко или девојка како тоа да има било каква врска со било што. Цис родовите лица воопшто не ги добиваат тие прашања во своето секојдневие, транс лицата ги добиваат затоа што сме различни, затоа што имаме различни тела што на нив им се интересни. Затоа што тоа е една капка во морето на сензационализмот кој што продава сè и сешто. Дали е од едноставна љубопитност дали е поради тоа што пробуваат да го исполнат својот живот – не знам“, коментира тој.
Димитров, пак, вели дека интимата е обременета со култура на сентименталност, која пред сè е хетеронормативна. Тој објаснува дека кон интимата се гледа како кон нешто што е исклучено од несигурниот терен на политиката и на јавноста. Притоа, оние кои се обележани како „настрани“се ненормативните сексуалности и интимности и служат за да се оправда и задржи привилегијата на сексуалностите кои се прифатени.
„Приказната за љубовта и прашањето за интимноста и љубовта се секогаш обележани со политичкото прашање. И кога хетеросексуалците не говорат за својата интимност, не само што овозможуваат да ја одржуваат сопствената привилегија дека се надвор од политичкото, не само што овозможуваат да се продолжува деполитизацијата, туку во исто време ја повторуваат шемата на немаркираност на нивната сексуалност“, потенцира Димитров.
Тој истакнува дека во општествен систем кој е организиран во бинарна матрица, едниот термин е секогаш немаркиран – за хетеросексуалците не се кажува ништо, а истото се потенцира кај хомосексуалците.
„Според Лорен Берлан, една теоретичарка, квир љубовта би претставувала љубовта во која што почнува да се зборува и критички да се проблематизира прашањето за љубовта. Затоа што, сè додека тоа останува немаркирано, премолчено и заглавено во култура на сентименталност тоа останува нормативно организирано прашање за интимноста“, нагласува Димитров.
Според него, интимноста, сексуалноста и љубовта на квир луѓето не треба да се изоставени надвор од политичката борба.
„За да направиме и они нивната сексуалност и интимност да ја живеат подеднакво мирно како привилегираните хетеросексуалци. Интимноста мора да биде, сексот мора да биде дел од јавноста – прашање за дискусија“, вели Димитров, дополнувајќи дека луѓето се сè уште длабоко растегнати во нееднакви односи, опресирачки говор, исклучување, насилство, и секојдневни скриени трауми.
„Криза на идентитет“ во законодавството
Во изминативе 10 години, само 2 лица добиле шанса да им се исправи ознаката за пол во нивните матични книги на родените, информираат од Управата за водење на матични книги.
Тие не водат посебна евиденција за лицата кои поднесуваат барања за промена на пол, па така немаат конкретни податоци ниту за тековните постапки. Сепак, според информациите на невладиниот сектор, станува збор за десетина лица кои се во сличен или ист процес како досегашниот на Лицето Икс.
Сегашната пресуда не го решава само индивидуално проблемот на Лицето Икс, туку ја задолжува државата да најде законско решение кое што ќе дозволи на другите лица да можат едноставно да си го променат податокот на пол.
Оваа личност се соочи со бројни пречки во остварување на своето право за признавање на родот. Низ овој децениски институционален пинг-понг, до Лицето Икс стоеше адвокатката Наташа Бошковска.
„Лицето Икс е клучот на тоа зошто и како денес успеавме да ја добиеме оваа значајна пресуда не само за него туку и за сите транс луѓе во државата, па дури и на регионално ниво. За сите земји на Судот на Европа, оваа пресуда е стандард којшто ќе треба да се применува. Имено, неговата истрајност во текот на постапката е значајна затоа што државата имаше волја на некој начин, и можност да се спогоди во текот на постапката пред Европскиот суд за човекови права и многу порано да го реши случајот на Икс, но Икс е меѓудругото и активист кој го жртвуваше својот случај за да направи системска промена, не само индивидуално да го реши своето прашање за правно признавање на родот“, вели Бошковска по историската судска победа.
Сепак, според неа, случајот можел да заврши уште пред 10 години, бидејќи истовремено со Лицето Икс друг случај сличен на овој, добил веднаш одобрение за промена на ознаката за пол.
Адвокатката Бошковска нагласува дека постоечката законска рамка не го забранува менувањето на податокот на пол во матичната евиденција, но не е доволно јасна процедурата.
„Законот за матична евиденција вели дека Управата ќе треба да донесе решение со кое што ќе ја направи измената и таа измена после ќе треба да се намени/спроведе во Матичната книга. Од друга страна од 2000 година Европскиот суд за човекови права има и правна пракса со која што ги задолжува државите да го признаат правно родот на трансродовите луѓе, така што и во недостаток на наша национална законска рамка институциите се должни да го применат уставот односно меѓународните договори односно Меѓународната конвенција за човекови права и правната пракса на Европскиот суд. Но, еве и судот во Стразбург укажа на тоа дека не е доволно за македонските институции да можат да обезбедат правда за луѓето па затоа е потребно да се донесе закон кој што јасно ќе ја пропише процедурата“, појаснува Бошковска.
Родовиот идентитет е присутен само во Законот за спречување и заштита од дискриминација, но останува уште многу работа додека навистина да се преточи во пракса, велат од невладината организација Трансформа.
Тие забележуваат дека со пресудата за Лицето Икс, се покажало дека државата нема никаква законска регулатива од областа на правното признавање на родот, односно не нуди конкретна, прецизирана постапка за промена на ознаката за пол.
„Според светските стандарди, таа постапка мора да биде брза, транспарентна и пристапна, врз основа на самоопределување, т.е. да не се бараат никакви медицински промени. Не смее да се бараат затоа што тоа влијае на телесниот интегритет, кој е пак, заштитен со Уставот“, посочуваат од Трансформа.
По пресудата за Лицето Икс, се формираше и работна група во Министерството за правда, која изготви предлог законски измени. Но, овие измени останаа во фиока поради изборите и Ковид-19.
Во неа членува и Бошковска, која вели дека во почетната фаза е договорено постапката да им овозможи на транс лицата брзо да направат измена на ознаката за пол без доставување на било каква медицинска интервенција и без никаква документација.
„Брза значи дека во еден нормален рок, нашите управни постапки би траеле 30 дена, пристапна значи дека сите транс лица ќе може да пристапат и да добијат правно признавање на родот, транспарентна значи дека процедурата е јасна и предвидлива, дека нема да се случи Управата да донесе за еден случај едно решение, за друг случај друго решение и пристапна значи дека нема да има бариери, нема да има критериум во смисла на медицинска документација. Во смисла, развод од брак, ограничување на возраст и наметнување на други критериуми кои всушност ќе значат пречка за овие луѓе да може да го остварат своето право – право на признавање на родот“, појаснува Бошковска.
Засега, во работната група се разгледуваат две главни прашања – критериумот за брак и возраста на која ќе се дозволи правно признавање на родот на лицата под 18 години.
Од Трансформа, пак, сметаат дека за да се постигне посакуваната правда, потребно е да се исполнат неколку работи:
„Прво, по донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација, потребно е, изрично истакнуваме, независна комисија за анти-дискриминација која нема да биде поврзана со партиски структури. Во минатото има многу случаи кои покажуваат дека не смееме да си дозволиме таква грешка – тоа директно влијае врз човечки животи“, сметаат од Трансформа.
Друг проблем, забележуваат тие, е тоа што генерално административните службеници воопшто не сочувствуваат со транс лицата.
„Без разлика дали зборуваме за институција поврзана со лични документи, со здравствени услуги, или каква било друга институција, меѓу нашите членови нема ниту еден кој не се соочил со проблеми, одбивање, потпрашување за интимни аспекти, гласно исмевање, исфрлање и слично. Долг е патот кој треба да се изоди, и во пракса и на хартија. Потребно е подобрување на законската рамка и потребна е темелна сензибилизација на сите службеници кои доаѓаат во директен контакт со клиенти. Ова е амбициозно, меѓутоа крајно неопходно. На крајот на краиштата, нив тоа им е работа – да ја обезбедат услугата без дискриминација. Тука не смее да има отстапки. Нивните лични предрасуди треба да ги остават дома“, нагласуваат од Трансформа.
И од Министерството за правда веруваат дека пресудата значи оти на државата ѝ се потребни измени на законот со кои ќе се усогласи со меѓународните стандарди во областа.
„Граѓаните треба да имаат еднаков пристап до институциите и еднаквост во остварувањето на своите права. Добра вест е што повторно се изгласа Законот за спречување и заштита од дискриминација, со кој се гарантира еднаквост, спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на човековите прави и слободи. Секако, потребен е континуиран напор и едукација на сите чинители преку кои во реалност ќе се почитува принципот на еднаквост“, велат од министерството за Радио МОФ.
Иако не дефинираат што поточно, сепак од министерството информираат дека се работи за превенција на идни и слични повреди.
На прашањето, дали случајот на Лицето Икс навистина требаше да стигне до Стразбург за да има разрешница, од министерството кусо посочија: „судскиот активизам на Лицето Икс, нам како држава ќе нѝ помогнат да ги подигнеме стандардите за заштита на човековите права и слободи“.
Но, според Бошковска пресудата го немала очекуваниот ефект во смисла на брзина на решавање на работите.
„Управата и понатаму ги нема решено другите случаи, продолжува да се нагласува како ненадлежна, иако во пресудата „Икс против Македонија“ јасно стои дека управата е таа која што има надлежности и таа одлука на Управата е всушност прекршување на правата на транс луѓето“, забележа таа, потсетувајќи дека Законот е сè уште во процедура на понатамошно усвојување.
„Така што, ако наскоро не видиме законско решение со кое ќе се решат тековните случаи, верувам дека ќе има и други жалби пред Европскиот суд за човекови права со слично барање за повреда. И очекуваме дека Судот ќе најде повреда исто како и кај Лицето Икс“, заклучи Бошковска.
Во меѓувреме, Икс и Мариа продолжуваат со својот активизам, решени да ја нормализираат оваа појава во македонското општество. Тие се надеваат дека набрзо државата ќе им овозможи еднаков третман како и на останатите граѓани.
„Ајде па во наредна прилика со уште попозитивни вести – настрана пресудата. Сакам да ги видам другите транс лица во ситуација во која што овој проблем им е решен, во којшто можат со полни гради да го дишат животот и општо за ЛГБТИ+ луѓето да се овозможат услови за можат да функционираат најнормално во секојдневието без никакви пречки, без дискриминација, само со правда! Друга опција нема едноставно“, заклучи Икс.
Ивана Смилевска
Емилија Петреска