Објавен нов Европски Атлас на птици гнездилки – вклучува податоци собрани од експертите и волонтерите на МЕД

По четири години теренски истражувања и милиони податоци за распространувањето и гнездењето на птиците во Европа, објавен е новиот Атлас на птици гнездилки. Тој содржи и податоци, собрани од експертите и волонтерите на Македонското еколошко друштво со поддршка од странски орнитолози.

Низ цела Европа учествувале преку 120.000 волонтери-истражувачи со што овој Атлас се смета за еден од најголемите проекти за истражување на биолошката разновидност со вклученост на граѓаните. Теренските истражувања започнале во 2013 година и траеја до 2017 година.

„Овој Атлас е клучна публикација која ќе ја насочува идната работа за зачувување на птиците и природата во Македонија. Ќе ни помага подобро да ги разбереме промените во распространувањето на сите видови птици низ годините и ќе ни дава насоки каде во регионот треба да се спроведуваат активности за зачувување на птици и реставрирање на живеалишта”, вели Данка Узунова, раководителот на овој проект за Северна Македонија.

Според резултатите, низ Европа гнездат скоро 600 видови птици; 539 од нив се среќаваат таму природно и 57 се интродуцирани од други делови на светот.

Теренските податоци покажуваат дека драстично се намалила бројноста на птиците од земјоделските површини, а зголемена е бројноста на шумските птици и птиците кои се заштитени со меѓународни конвенции и легислатива.

Најчестите причини за промените во распространувањето на птиците се пренамената на земјиштето и климатските промени, велат од МЕД. Дополнително, во последните 30 години гнездечки ареали на птиците во Европа се преместиле кон север во просек за 28 km (поместување од околу 1 km годишно).

„Интересно е да се забележи дека повеќе од половина од птиците кои биле истражувани се среќаваат на само 10% од истражените територии т.е. имаат мало распространување со што се потврдува одговорноста која секоја земја ја има кон зачувување на биолошката разновидност“, соопштуваат од МЕД.

Анализите покажуваат дека 35% од европските видови птици ја зголемиле својата гнездечка територија, како на пример жолтоглавата тресиопашка Motacilla citreola  а 25% ја намалиле, како на пример градинарската стрнарка Emberiza hortulana.