Основците ќе покажат колку знаат да читаат со разбирање, а средношколците пробно ќе полагаат електронски ПИСА тест

Околу 4000 ученици во Северна Македонија, на 10-годишна возраст, наредната година ќе треба да покажат колку се способни да читаат со разбирање. Тие ќе бидат дел од меѓународната студија ПИРЛС која се фокусира на процесот на разбирање, навиките и ставовите за читање кај овие ученици.

Преку прашалниците ќе се добијат резултати за тоа како културната средина, наставната практика, целите на наставните програми и систематското уредување на образованието влијаат врз постигањата на учениците.

Во меѓународната студија, закажана за периодот мај/април 2021 година, ќе се вклучат 150 основни училишта од земјата. Тестирањето ќе се врши со молив и хартија, на македонски и албански јазик, а за тоа ќе бидат бирани цели паралелки.

ПИРЛС тестовите содржат 3 до 4 страници текст со содржина од секојдневниот живот, поразличен тип од она во училиштата од кој потоа ќе се одговара со отворени прашања. Учениците ќе треба да ги поврзуваат фактите во различни параграфи, да дадат свое мислење и заклучоци и на тој начин да одговорат. Таков тип прашања ќе има и во ПИСА тестот, но на повисоко ниво, објаснуваат од Државниот испитен центар.

ПИСА тестирањето, пак, ќе се одвива електронски. За примерок се одбрани 50 средни училишта, односно 3000 средношколци на 15 годишна возраст кои ќе полагаат математичка писменост, наука и читање со разбирање. Од Државниот испитен центар посочуваат дека резултатите од ова тестирање нема да се користат за рангирање, туку претставува пилот тестирање секаде во светот.

За надлежните, резултатите од овие тестирања се водилка за идните реформи во образованието.

„Реформите кои се прават се во насока да ги поттикнеме учениците критички да размислуваат, да решаваат проблеми, да применуваат знаење во реални ситуации, да обезбедиме инклузивно образование“, посочи координаторката за меѓународни тестирања во ДИЦ, Бети Ламева.

ПИРЛС тестирањето за првпат во Северна Македонија се одржа во 2001 година, потоа во 2006, а по 15 години пауза, во 2021 ќе се одвива по трет пат. Резултатите од 2001 и 2006 биле исти, покажувајќи дека македонските ученици се под просокот, посочи Ламева. Затоа, со новото тестирање сакаат да покажат подобрување.

ПИСА тестирањето пак, започна во 2000 година, а се спроведе и во 2015 и 2018. Компаративна анализа на резултатите покажува дека во 2015 квалитетот на образование забележал опаѓање, но во 2018 се појавил тренд на подобрување од претходната година. Според Ламева, Северна Македонија е една од државите со најголем пораст според претходниот циклус на тестирање ПИСА.

Што најмногу придонесува за добри ПИСА резултати?

Државните анализи покажале дека македонските девојчиња на 15 години имаат многу повеќе достигнувања од момчињата во ПИСА тестирањето. Иако на светско ниво, во областа на науката и математиката ова е обратно, во Северна Македонија, девојчињата доминираат во сите три области, особено во читањето.

Врз нивните резултати влијае типот на образование. Според досегашните ПИСА резултати, гимназијалците покажале најдобри резултати, на слично ниво се и од уметничките училишта, додека учениците од средно стручните училишта покажале најслаби резултати.

„Тоа се знаења кои учениците кои ги совладале во основно обраование. Однапред е предодредено кој тип на образование ќе има најдобри резултати“, забележа Ламева.

Друг фактор кој влијае на квалитетот на резултатите е раниот детски развој. Најдобри резултати имале средношколците кои две до три години посетувале градинка, биле вклучени во образовниот систем пред училиште.

Потоа, се споменува и бројот на книги во домашни услови, образованието на родителите и колку тие работат со своите деца.

„Сите ученици чии родители ги поттинуваат и им помгаат во учењето постигнуваат далеку подобри резултати и се во тек со она што го изучуваат во текот на училиштето“, рече Ламева.

Покрај ова, главна улога во постигнувањата на учениците имале и воннаставните активности во училиштата – од литературни секции, до дебатен клуб и волонтерски акции.

Според министерката за образование и наука Мила Царовска, меѓународните тестирања се добри за позиционирање на државата на светско ниво, но и покажување на капацитетот на учениците.

„Најголем процент од учениците го репродуцираат своето знаење, а според сведските трендови тие треба да се оспособат да го искористат своето научено знаење во непознати ситуации во и надвор од училиштето. За такво образование се стремиме“, рече таа.

Царовска соошти дека претходно организирале вебинар со наставниците за претстојните тестови, да знаат што ги очекува, а во меѓувреме се држат и обуки со нив.

Во однос на начинот на кој се одвива актуелната настава за време на пандемијата, Царовска посочи дека засега нема интерно ширење на вирусот во училиштата. Таа посочи дека 90 отсто од учениците и наставници слушаат онлајн настава. Според неа, првото тромесечје поминало без поголеми проблеми, а оценувањето е завршено. Кај дел од училиштата се организираат денови за консултација за да се надополни изгубеното знаење.

Е.П.