Македонските ученици подпросечни во математика, катастрофални по природни науки [Инфографик]

Резултатите од последното меѓународно тестирање на учениците ТИМСС повторно ги покажаа слабостите на македонското образование.

Четвртоодделенците од Северна Македонија во конкуренција со нивни врсници од 58 светски држави се најдоа на 45-тото место во математичка писменост и на 51-то место во познавање на природните науки.


ТИМСС тестирањето во земјава се спроведе и во 1999, 2003 и 2011 година, но на осмоодделенци. Ова е прв пат на вакво тестирање да бидат спроведени учениците од четврто одделение. Со самото тоа, не можат да се прават споредби дали нашите ученици имаат напредок или назадувале споредено со претходните тестирања.

Од Министерството за образование и наука не информираа дека тестирањето на ученици од четврто одделение било по насока на Европската Унија, која и финансиски ја покрива котизацијата за учество во ТИМСС тестирањето и дека повозрасните ученици, како на пример оние на 15 години се вклучени во ПИСА тестирањето, за кое пробно тестирање ќе има следната година. Тие додаваат и дека има можност за споредба на постигнувањата на учениците при тестирањата и дека го следат прогресот.

 „Суштински значајно е што како држава покажуваме интерес за длабински и суштински да ја провериме подготвеноста и знаењето на учениците врз основа на меѓународно прифатени параметри и критериуми и токму затоа се вклучуваме сега, но и во иднина во овие познати кредибилни меѓународни тестирања. Резултатите од овие тестирања се важни и ни даваат јасна слика за насоката во која треба да го движиме образованието и истите се основата на новата концепција за основното образование“, додаваат од МОН.

На последното ПИСА тестирање, пак, кое беше објавено на крајот на минатата година, македонските 15-годишници повторно беа во групата држави кои покажуваат најлоши резултати во читање, математика и природни науки. Средношколците од С. Македонија се најдоа на 67-то место од 77 земји во светот според читање, на 67-то место од 78 држави и провинции според математика и на 63-тото место од 78 земји според познавањето на природните науки. Тоа претставуваше извесен напредок во однос на тестирањето во 2015-та, кога земјава беше меѓу последните пет земји во сите три категории кои се тестираат на ПИСА.

Даниел Евросимоски