МОН: Процесот на признавање странски дипломи и образовни квалификации отсега ќе се спроведува и електронски

Министерството за образование и наука (МОН) информира дека подготвило акциски план кој предвидува промена на начинот и поедноставување на постапките преку кои граѓаните можат да се обратат за да добијат одредена услуга, со цел остварување на одредено право.

Од таму тврдат дека процесот на дигитализација на образованието се една од приоритетните цели во програмските определби на Владата и Министерството за образование и наука (МОН) со цел модернизација и интеграција на националниот образовен систем во европскиот образовен простор, а тоа, меѓу другото, велат тие, подразбира и дигитализација на услугите кои им се нудат граѓаните.

„По конкурсите за стипендии, се дигитализира и постапката за признавање на образовни квалификации од основно, средно и високо образование стекнати во странство. За таа цел, изготвени се електронски услуги преку кои ќе може да се поднесува барање за нострификација и еквиваленција на образовни квалификации стекнати надвор од Република Северна Македонија, заедно со сите неопходни документи согласно постоечките правните прописи, а воедно и ќе се врши електронско плаќање. Изработениот позадински софтвер овозможува електронско водење и решавање на предметите од страна на комисиите во Министерството за образование и наука“, велат од МОН.

Кон електронските услуги може да се пристапи преку Националниот портал за е-услуги www.uslugi.gov.mk, со едноставно пребарување.

„Процесот на дигитализација на оваа услуга е реализиран со поддршка од Центарот за управување со промени и Британската амбасада во Скопје, како партнери на МОН и воопшто на Владата на РСМ во насока на унапредување на стандардите во сите општествени сегменти, вклучително и во унапредувањето на услугите кои институциите на системот ги нудат на граѓаните. Интеграцијата на услугите на порталот uslugi.gov.mk беше извршена во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација“, соопштува МОН.