Пандемијата на Ковид-19 му нанесе огромна штета на детското образование во целиот свет, велат од УНИЦЕФ. Затоа, оттаму порачуваат наставниците да се приоритет при вакцинацијата, откако ќе се вакцинираат здравствените работници што се најизложени на вирусот и населението што е во висок ризик.
На овој начин, според УНИЦЕФ, наставниците полесно ќе се заштитат од вирусот, ќе можат да предаваат во живо, и на крајот на краиштата училиштата ќе останат отворени.
„Во најлошите денови, кон крајот на април 2020 година, со затворањето на сите училишта се наруши процесот на учење на безмалку 90 насто од учениците на светско ниво. Иако таа бројка оттогаш се намали, сѐ уште без никаква поткрепа се верува дека со затворање на училиштата може да се забави ширењето на болеста, и покрај сѐ поголемиот број докази дека училиштата не се главниот причинител за пренос во заедницата.
Како последица на тоа, како што бројот на случаи драстично се зголемува во многу земји во светот, во заедниците повторно се затвораат училиштата“, изјави извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Фор.
Од 1 декември, училиштата се затворени за речиси секој петти ученик на глобално ниво – или за 320 милиони деца.
„Иако владите на крајот одлучуваат за распределбата на вакцините, последиците од продолжени периоди пропуштена или нарушена настава се тешки, особено за најмаргинализираните заедници. Што подолго се децата надвор од училиште, помалку е веројатно дека ќе се вратат, а со тоа е и потешко за нивните родители да се вратат на работа“, смета Фор.
Таа е свесна дека станува збор за тешки одлуки што подразбираат и големи отстапки, но забележува дека најважно е да се заштити иднината на следната генерација.
„А, првиот чекор во оваа насока би бил да ги заштитиме лицата кои се одговорни да им ја овозможат таквата иднина“, изјави Фор.