На вчерашната консултативна средба за новата Концепција за основното образование беше споделено дека една од најголемите новини во наставниот план е планот за комбинирање на повеќе предмети во нови со што би се намалил бројот на часовите.
Па така со новата Концепција се предвидува групирање на предметите биологија, хемија, физика и дел од физичката географија во еден предмет – природни науки, додека предметите историја, дел од географија и граѓанско образование би се здружиле во друг предмет – општествени науки. Исто така предметите музичко и ликовно би се здружиле во уметничко образование, а техничкото образование и информатика би требало да се спојат во еден предмет – техника, технологија и информатика.
Откако овие новини предизвикаа многу реакции на социјалните мрежи, Министерката за образование и наука, Мила Царовска, вели дека ваквата интеграција на предметите се прави следејќи ги успешните примери од развиените западни образовни системи.
„Концепцијата се базира на домашни и меѓународни истражувања, но и на анализи на постојни светски добро поставени концепции за основно образование кои даваат одлични резултати кај учениците. Ваквиот интегриран пристап на наставни предмети во еден, како главни, носечки, и правото на изборни предмети и воннаставни содржини секаде во светот, во развиените земји, е поставен како таков. Зошто? Затоа што кажав дека на тој начин ги учи учениците да не помнат само факти, туку ги учи критички да размислуваат за одредена тема, која што се обработува низ различни предмети, но се работи низ тематски пристап“, рече Царовска.
„Критичните точки се дека нашите деца учат многу предмети, но само фактографски, без да поврзуваат. За да направите поврзување, на пример на тема „Култура“, треба да ги поврзете сите општествени науки за да ја пренесете соодветно и еден ученик да осознае што е тоа култура и како таа се развивала низ вековите и низ државите и што значи културата денес. (…) Сите земји кои се стремат да станат развиени земји, кои создаваат младина која е заинтересирана за учење и за развој прават ваков пристап. И ова се најновите, најмодерните пристапи кои ќе ги примениме на следните генерации и ќе бидам среќна да ги видиме резултатите во наредниот период“, додаде Царовска.
Министерката апелираше до сите да ги следат промените, кои засега се во фаза на дискусии со засегнати страни, и дека наскоро на јавноста ќе биде детално презентиран новиот концепт за основното образование.