Полагањето на државната матура во пандемија го подели средношколците. Од Сојузот на средношколци сметаат дека државната матура треба да се одржи, од иницијативата „Глас на средношколците“ продолжуваат со бојкот на часови и најавуваат протести против полагањето, додека од Министерството за образование наука се децидни дека мора да се полага државниот матурски испит.
Како што наведуваат во Сојузот на средношколци во денешното соопштение, има три клучни причини поради кои сметаат дека треба да се полага матурата – недостаток на правна рамка, немањето меѓународни преседани и задржувањето на квалитетот на образованието. Сепк, Сојузот смета дека испитите треба да се одржат по скратени наставни програми, особено во годините кога матурантот посетувал настава на далечина, и само по два наставни предмети.
„Нашата борба е за сериозен и квалитетен образовен систем. Треба да се залагаме за новиот концепт на државната матура. Матурата во 2021 треба да се ограничи на два предмета со скратени програми. Решението не може да биде црно или бело, туку компромисно. Добар пример е Франција, која ги откажа другите испити, но учениците сепак полагаат испит по предмет на нивен избор. Министерството за образование и наука треба да спреми динамичен пристап кон ова прашање (полагање на матурата онлајн, измена на форматот, итн.). Државната матура мора да биде намалена и скратена, ама нејзиното целосно откажување ќе направи повеќе зло отколку добро, особено за оваа генерација матуранти“, велат од Сојузот.
Министерката Мила Царовска денеска одговарајќи на новинарско прашање, повторно беше децидна дека матурата мора да се одржи, посочувајќи дека полагањето е законска обврска, за комплетирање на средното образование, но и за запишување на домашните и странските факултети. Програмите, но и прашањата за овогодишната матурата, Царовска посочи дека се поедноставени, согласно условите во кои треба да се изведе таа.
„Важно е да бидеме дел од развиените држави, заради тоа што минатата година ние бевме негативен исклучок, по тоа што не можевме да спроведеме или не се оствари матурата. Тоа направи огромни проблеми за учениците кои што требаше да се запишат, и во високо образование во нашата држава, но исто така и повеќе ја искомплицира работата за учениците кои што требаше да се запишат надвор од државата, и голем дел од нив не успеаа да аплицираат надвор, заради тоа што немаа положен матурски испит, каде што секаде во развиените земји, за заокружување на средно образование, потребно е да имате положен матурски испит, заради тоа што е одредена валидација на знаењата кои што сте ги стекнале во периодот на четиригодишното средно образование“, рече министерката.
Во меѓувреме дел од средношколците, преку иницијативата Гласот на средношколците најавуваат дека продолжуваат со бојкот на наставата, но и организирање мирни протести во средните училишта низ земјава, а со барање за укинување на државната матура за оваа генерација матуранти.