„Градоначалникот на Општина Центар со задолжение од Советот за најмногу 10 дена ќе започне постапка за суспензија на нелегалните урбанистички планови, што значи дека до Министерство за транспорт и врски ќе ги поднесе веќе изготвените стручни наоди за утврдените прекршувања“, соопшти вчера активистката и советничка од општина Центар, Јана Белчева Андреевска, ден откако Уставниот суд повторно одлучи да донесе времена мерка за укинување на мораториумот за градба во скопската општина.
Советниците Белчева Андреевска и Јон Фрчковски предлогот за суспензија на плановите до Советот на Центар ги пренесоа на вчерашната седница, врз основа на Законот за урбанистичко планирање.
Во предлогот се вели дека со примената на членот 23 од новиот закон, преку суспензија на сите планови за градба за кои постои стручен наод за непрофесионалност, незаконитост и нестручност ќе може да се заштити постојната сопственост и да се создадат хумани услови за живеење на граѓаните.
„Донесувачот на планот (во случајот Општина Центар), одлуката за суспензија ја донесува врз основа на стручен елаборат за суспензија на применувањето на урбанистичкиот план, негови делови или плански одредби, изработен од комисијата за урбанизам од членот 38 од овој закон, а по претходно добиено мислење од министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, кое се издава во рок од 15 работни дена по приемот на стручниот елаборат и барањето за мислење“, предвидува Членот 23 од Законот.
Инаку, со одлуката на Уставниот суд за поништување на мораториумот за градба, по иницијатива поднесена од двајца граѓани на Охрид, се оневозвожува општина Центар да реагира во измена на деталните урбанистички планови.
Центар веќе реагираше дека Одлуката за применување на деталните урбанистички планови, која што ја донесоа, не е иста како претходната, туку го оценува начинот на кој се спроведуваат деталните урбанистички планови.
„Тоа значи дека тоа што го наведува и ГУП-от, дека сите планови донесени пред ГУП-от, а нивните параметри не се усогласени со ГУП-от значи дека истите не може да се спроведуваат“, соопштија од Центар.
Имено, рекоа тие, согласно Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 година се дефинира дека суштинската карактеристика на системот на урбанистичкото планирање, кој произлегува од Законот за просторно и урбанистичко планирање е двостепеноста на системот на урбанистичкото планирање на градовите.
„Двостепеноста се остварува со генерални и детални урбанистички планови, при што во генералните урбанистички планови се одредуваат зоните на намената на земјиштето и функционалната организација на просторот, примарните инфраструктурални мрежи и основните услови за изградба, додека деталните планови служат за разработка и спроведување на генералните урбанистички планови. Врската помеѓу генералните и деталните планови, каде што е предвидено дека и облигациите за нивната хиерархиста усогласеност во Законот е утврдено дека деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.