#ИнстаИлустрации – Ване Костуранов

Ване Костуранов е илустратор кој ни доаѓа од Струмица. Тој е автор на сликовниците „Sвездено дете“, „Девојче и мече“ и „Девојчето и градот“, преведени на неколку странски јазици.

Како дете, деновите ги минувал цртајќи, најчесто скриен под масата во дневната соба. Денеска, деновите исто така минуваат во цртање, но како што вели Костуранов, сега веќе не го собира под масата.

„Јас сум човек кој сака предизвици и често се инспирирам и од болка и од убавина. Во суштина, уметникот е постојано во некаков креативен конфликт со она што ни е реалност и така всушност настанува секое уметничко дело“, вели тој за Радио МОФ.

Неговите сликовници „Sвездено дете“ и „Девојче и мече“ добија први награди за Најдобро ликовно-графички уредено издание, на Саемот на книга во Скопје, 2018 и 2019 година, а „Девојчето и градот“ трето место за Најдобро ликовно-графички уредено издание, на Саемот на книга во Скопје, 2020 година.

Неодамна „Девојче и мече“ се најде на престижната листа „The White Ravens”за 2019, селектирана од International Youth Library од Минхен.

„Сликовниците и илустрациите за деца можеби изгледаат како најлесниот жанр од сите, меѓутоа, тие ги имаат најголемите социјални и естетски предизвици од целата детска литература. Во исто време, сликовницата е медиум преку кој децата добиваат важни информации, кои им помагаат да го разберат светот, им ја поттикнуваат фантазијата и им нудат утеха во тешки моменти. Визуелно, пак, илустрациите се првиот контакт на детето со уметноста. Тие визуелно го збогатуваат читателот, со тоа што му даваат знаења без граници. Во тоа е и најголемата вредност и убавина на визуелното, зошто сликите се за сите и тие раскажуваат приказни за кои не е потребен превод“, појаснува Костуранов.

И за сликите и за илустрациите тој користи најразлични техники и стилови на цртање, а изборот како што вели, во најголема мера зависи од текстот, или од амбиентот и атмосферата што ја замислува и сака да ја постигне.

„Досега во моите слики и илустрации имам користено акрил, водени бои, пастели, дрвени бои, како и дигитални цртежи. Одлуката за тоа што да се користи е многу интуитивна и променлива затоа што техниката на цртање и стилот се само алатки, она што вистински допира до луѓето е цртежот и емоцијата што ја пренесува“, објаснува тој.

Костуранов е уште еден илустратор кој се приклучува на нашата иницијатива #ИнстаИлустрации. Во продолжение, погледнете дел од неговите илустрации:

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Vane Kosturanov (@kosturanov)

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Vane Kosturanov (@kosturanov)

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Vane Kosturanov (@kosturanov)

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Vane Kosturanov (@kosturanov)

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Vane Kosturanov (@kosturanov)