Избркани двајца средношколци од „Владо Тасевски“ за навреда и снимање на професорка за време на онлајн час

Двајца ученици од СУГС „Владо Тасевски“ се исклучени од училиштето со едногласна одлука на наставничкиот совет, откако едниот вербално нападна професорка за време на онлајн час, а другиот неовластено го снимал случајот. Видеото беше споделено на Тик Ток по што набрзо се најде и на други социјални мрежи.

„СУГС „Владо Тасевски“ е училиште во кое се почитуваат кодексот на однесување, правилникот за изведување на онлајн настава и секоја повреда ќе ја санкционираме“, стои во официјалното соопштение од стручната гимназија.

Радио МОФ претходно го контактираше Министерството за образование и наука кои го осудија настанот.

„Во Упатството за начинот на изрекување педагошки мерки  во јавните средни училишта постојат одредби во кои се предвидени законски постапувањаво случаи на нарушување на угледот на наставниците и вработените во училиштето. Истовремено, Министерството за образование остро ги осудува сите вакви и слични примери  на комуникација меѓу учениците и наставниците и апелира на развивање повисока свест, почит и култура на целата училишна заедница – ученици, наставници и родители“, изјавија од МОН. 

Од Независниот синдикат за образование и наука, пак, ги охрабруваат просветните работници максимално да ги користат државните инструменти и побараа по службена постапка да се започне со казнување на непримерните ученици и нивните родители за да не се повторат вакви примери. Оттаму ја повикаа својата колешка да им се обрати за да добие правна помош и заштита.

Е.П.