По мерењата на 30 декември на емисиите од оџакот на кочанската фабрика за хартија „Пејпер Мил“ повторно е утврдено надминување на граничните вредности, па оттука, Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) вчера и нареди на фабриката да престане да го користи котелот на пелети и да премине на плин, информираат од ДИЖС.
„Инсталацијата ќе работи на плин се додека не се постигнат законски утврдените гранични вредности. Државниот инспекторат за животна средина инсистира на почитување на законите. Не дозволуваме загадување на Кочани“, стои во соопштението на инспекторатот.
Преку вонреден надзор на инсталацијата на 4 ноември и двете мерења на 13 ноември и 2 декември, ДИЖС претходно констатираше надминување на дозволените вредности.
Од Инспекторатот кога и го најавија мерењето на емисиите што ги испушта фабриката, посочија дека доколку со мерењето се докаже надминување на граничните вредности, ќе се нареди инсталацијата да престане да го користи котелот на пелети и да премина на плин.
Во спротивно, тогаш посочија дека ќе се забрани работењето на фабриката, се до, како што кажаа, обезбедување на филтерот и водење на процесот на начин на кој нема да се загадува Кочани.
Жителите на Кочани на крајот на декември излегоа на протест пред фабриката, за да алармираат за проблемот кој го прави, како што тогаш рекоа, најголемиот загадувач на градот. Тие побараа фабриката да се затвори се додека не почне да користи еколошко гориво и да работи според прописите.
ДИЖС: Две лаборатории мереа загадување на оџакот во „Пејпер Мил“ во Кочани