Една млада режисерка од сегашноста снима документарец во кој приказната ја раскажува еден од психијатрите кој во раните 1980ти понесен од мистеријата на досието за Елеонора Чернобог и нејзините телекинетички моќи, почнува да се уверува дека сите митови се вистина…
Ова е краткото сиже на психолошкиот трилер „Случајот Чернобог“, роман на македонската авторка Катерина Шошко кој беше издаден при крајот на 2020 година од издавачката куќа „Антолог“.
Ова е втор роман на Шошко, која во 2016 година го издаде психолошкиот трилер „Крвава месечина“, кој само два месеца по издавањето ја доби наградата „Книга на месецот“ од Фондацијата „Македоника“.
Со Катерина Шошко поразговаравме за трилерот како жанр и неговата популарност помеѓу македонската публика, менталното здравје, инспирацијата, но и перипетијата на македонските млади автори.
Зборувајќи за иницијалната инспирација за пишување на „Случајот Чернобог“, таа вели дека идејата за приказна со телекинеза ја имала уште пред да започне со нејзиниот прв роман.
„Беше нешто како „филм“ кој би го направила ако бев дел од филмскиот свет. Грубата скица ја напишав како расказ на англиски јазик само за мене дури без и да помислам дека во животов ќе напишам книга. Дури откако ја завршив „Крвава месечина“ и откако спаднаа впечатоците, сфатив дека веќе имам приказна која ја знам од почеток до крај и нема зошто да чекам со пишување. Инспирацијата дојде од фасцинацијата со телекинеза, односно психокинеза“, вели Шошко.
За неа, најинтересен аспект кај трилерите е тоа што не се знае на каде води приказната.
„Сакам да читам приказни што не знам каде ќе ме одведат, да не речам што ќе ме вчудоневидат, што одат до најмрачните делови на човечкиот ум (иако жанрот лесно може да те презасити, особено ако е напишан по шаблон). Не почнав тенденциозно со овој жанр зашто сметав дека некому ќе се допадне или дека е популарен, зашто кај нас во тој период и немаше некој избор на домашни трилери. Ми беше забавно за пишување, а на почетокот не ни знаев дали воопшто ќе ја издадам книгата, ниту дали ќе биде добра, ниту пак дали некој би ја читал“, истакнува авторката.
Според Шошко, трилерот како жанр не ѝ е туѓ на македонската читателска публика, ниту кај помладите ниту кај постарите.
„Доволно е да се погледнат насловите по книжарниците и ќе сфатите дека ние и тоа како сакаме напнати приказни. Ако луѓето сакаат да читаат странски трилери, зошто не би ги читале и од нашите автори?! Досега реакциите што ги добивам се позитивни – добар развој на дејството, интригирачки ликови, неочекувани пресврти, приказна што задржува внимание, чувство како да гледаш филм“, вели таа.
Во „Случајот Чернобог“, дејството се одвива во 80-тите години, кога соочувањето со депресија, различност, живеење живот за да се задоволи семејството и општеството, е сведено на волјата на личноста да се справи со личната борба, истакнува Шошко, па романот ја обработува и темата на менталното здравје.
„Сите ликови во романот имаат свои стравови, комплекси, живеат во стегите на нивното време. Главниот лик има натприордни моќи (телекинеза и јасновидост) и речиси целиот живот се влечка по психијатриски установи. Со самото тоа е различен, несфатен, луѓето се плашат да се во нејзина близина. Различното е изолирано, во случајов отстрането од „нормалниот“ свет и испратено во институција што со својата негрижа го потиснува на маргините“, вели авторката.
Таа дополнува дека кога некој е отфрлен и институционализиран зошто е различен, без оглед на тоа што е медицински феномен и гениј, неминовно е да западне во мрачни мисли, депресивно расположение, гнев, чувство на неприпаѓање и глад за слобода.
На прашањето дали младите домашни автори имаат доволно простор за промоција и афирмирање, Шошко вели дека работите се полесни доколку авторот зад себе има издавачка куќа.
„Секако не е доволно само да се испечати книгата и да се стави на полица. Иако се практикуваат, класичните книжевни промоции ни приближно не го даваат саканиот резултат“, вели таа, дополнувајќи дека конкурсите и социјалните мрежи се одличен начин за промоција, само доколку авторот има голем број на следбеници.
Според Шошко, за подобра промоција, потребно е поголем медиумски интерес и повеќе книжевни дружби.
„Интервјуа за телевизии, портали, „Јутјуб“ канали, лајв стримови на Инстаграм се само неколку начини за подобрување на состојбата. Книжевни дружби (саеми, книжевни фестивали) се исто така фин начин да се дознае за нечие ново дело. И секако, рецензии, па макар биле напишани и во неколку реченици на Твитер, Инстаграм или Фејсбук пост“, истакнува таа.
И.С.