[Став] Не ги заборавајте децата со аутизам

Пишува: Бојан Шашевски

Не ги заборавајте децата со аутизам и сите работи што треба да се направат за нив, нивните родители и сиот кадар што треба да се грижи за нивен развој!

При крајот на 2020-та беше речено дека во 2021/2022 година ќе има системско решавање на образовните асистенти. На тоа чекаат повеќе родители. Чекаат и самите образовни асистенти. Досега беа со ниски плати, со задоцнети плати, ангажирани во училиштата да обавуваат неколку функции – и асистенти, и лични асистенти, и педагози, и наставници. Се’ во едно. Некои се откажуваат, бидејќи имаат еден тон одговорност врз себе.

Образовен асистент е едно, личен асистент е друго. #ДаБидеЈасно

Ова беше речено дека ќе се смени во 2021/2022 година, кога се одбележуваше Денот на нетипичните лица. ОК. Ама, да не остане ветување само за Денот! На родителите, децата и асистентите им треба поддршка 365 денови. Затоа #Чекаме што ќе биде со усвоениот Норматив и ветените 54 милиони денари, за асистентите системски да се решаваат, плаќани од државниот Буџет.

Да не се заборави и на едукација за дел од посебните едукатори (дефектолози). Развиени компетенции и нормативи за работа. Љубов и ентузијазам е едно, ја има кај многу од нив! Но, собирање искуства и применување на соодветни пракси, е друго. #ДаБидеКакоШтоТреба #ЦелоЕКогаИмаСе

Има деца со аутизам што се вклучени во образовниот процес, но, не постои начин ниту наставникот, ниту родителот, ниту специјалниот едукатор – да се справат со ситуацијата. Некогаш се појавува предизвикувачко однесување, проблем со внимание, основна комуникација…Различни се манифестациите кај секое дете, затоа е различен и начинот на справување, со различни методи. #СледењеНаМетодиИПозитивниПракси

Животот на детето во редовното училиште не е само на час! Одмор, екскурзии, игри. Детето треба да фунционира со училиштето, не само на часот. Огромна е одговорноста на сите вклучени, а на специјалните едукатори не им се нуди доволно едукација, поддршка, најразлични обуки, како да соработуваат со институции… #ИмаMногуРабота

Ја замолувам јавноста тековно да следи и гласно да критикува ако не се развива идејата специјалните училишта, согласно Законот за основно образование, тековно до 2023 година да прераснат во ресурсни центри, за поддршка на сите редовни училишта. #Следиме

Исто така. Изминатава година интервјуирав лице. Се пожали дека некои наставници, во одредено училиште, преку „навредени“ родители, организирале собирање потписи – нивните деца не сакаат да учат содете со нетипичен развој! Да, ова уште се случува! Сега. Не е ова единствен случај, за жал. Замислете низ што поминуваат тие родители. Значи, мааалку #БазичнаЧовечкаЕдукација за „навредените“ родители. Ама, и поддршка за оние родители што мораат да останат присебни во вакви ситуации, ни малку виновни, поради состојбата на нивното дете.

Исто така, да прашам… Што е со функционални центри за рана дијагностика и интервенција, клучни за аутизмот? #КакоOдиTојПроцес

Ќе биде ли за брзо и Регистарот за децата со аутизам? Нема точна бројка, не може да се направи анализа, стратегија како и колку да се вклучат во образовниот, па и целиот општествен процес, без Регистар. Треба да има план секој да знае што прави, кога прави и како, а истовремено да има евиденција и евалуација. Беше тоа ветено. #СледимеИТоа

Ќе има ли повеќе високо функционални центри за згрижување, да работат според протоколи, кои би ги опфатиле сите заинтересирани?

Исто така. Центарот кај „Симпо“, едноставно, не е во ред. Пред пандемијата, таму се чекаше со часови, некогаш и денови за да се потврди состојбата на детето. Односно, да се добие наод, оцена и мислење од дефектолог, логопед, психолог и социјален работник – за остварување на посебен додаток – паричен надоместок. Но, тој процес е премногу бавен! Неразумен. Чекање по ходници, нервирање, враќање еден, два, три денови… „Не работи принтерот“, нема никој на „рецепција“, некогаш не знаеш зошто толку чекаш, кој чекаш… А, внатре нетипични деца со родители, дојдени и од други градови. Дури да дојде време за прегледот/мислењето, детето веќе е нервозно, надвор од себе, а треба да се оценува „таквата состојба“?! #НемаСмисла

Да не зборувам што после тоа во општинската социјална служба треба да набавиш еден тон документи, изводи, потписи, одење од врата на врата, враќање дома, повторно таму одење… Едноставно, тој пат е предолг. Мачен. Некогаш целиот овој процес трае неколку недели, па и месеци! А, реално, може за ден-два. Се надевам ова ќе се смени.

На крајот, да не заборавиме на децата со аутизам и пандемијата. Што може да донесе таа, каков регрес може да се случи, наместо напредок. Бидејќи, многу родители поминаа низ страшни ситуации. Со затворањето на училиштата, центрите за згрижување на лицата со нетипичен развој и центрите за реедукација – мораа да бараат солуции. Многу работи „врз глава“, (онлајн или без) образование, градинки, социјализација, комуникација, (со или без) третмани, асистенти, баби и дедовци, работа, грижа…

Ова не е пишувано за одбележување на некој светски Ден. Секој ден е ТОЈ ден.  #НеГиЗаборавајтеДецатаСоАутизам

Бојан Шашевски, новинар и татко на дете со аутизам