Со бојкот на наставата во дваесетина градови почна второто полугодие

Првиот училиштен ден од второто полугодие од оваа учебна година го „прескокнаа“ матуранти од 20 градови низ земјава, информира претседателот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи. Причината за тоа е бојкотот кој го најавија од Сојузот кои се противат на моделот на кој се полага матурата. Истовремено, тој вели дека имаат информации и за градови каде бојкотираат и средношколци од останатите генерации, со цел да се солидаризираат со матурантите.

Наместо четири предмети за матура, тие од Министерството за образование и наука (МОН) бараат да полагаат само два предмети, односно, задолжителен мајчин јазик и предмет по избор на ученикот.

Ходаи за Радио МОФ вели дека тие вчера оствариле и средба со министерката Мила Царовска каде повторно ги доставиле нивните барања, но, посочи дека од МОН останале на ставот, матурата да се спроведе по стариот модел.

Во бојкотот на наставата денеска се вклучија и матурантите од средното училиште „Ѓорче Петров“ во Крива Паланка. Средношколката Бојана вели дека нивното средно училиште, како и повеќето средни училишта во земјата, се вклучиле во бојкотот на наставата, со надеж да се слушне нивниот глас и мислење во врска со моменталниот образовен систем, но и надеж за пронаоѓање заедничко решение со МОН.

„Ниеден матурант од нашето училиште не се вклучи на наставата, што всушност ја покажува нашата сложност во врска со ставовите и нашата желба за полагање два, наместо четири предмети на овогодинешната матура, што сметаме дека е целосно оправдано земајќи ја во предвид тековната ситуација во земјата, како и условите во кои се одвиваше нашето образование последнава година. Ние како средношколци, сметаме дека е навистина некоректно и нефер да се очекува од нас да се спремиме за полагање матура како претходните генерации, бидејќи реално гледано ги немаме истите услови за учење и не би требало да ги имаме истите услови за полагање“, објаснува Бојана за Радио МОФ.

Таа посочува дека тие се свесни дека матурата претставува важен фактор за нивното понатамошно образование, и токму поради тоа, како што вели, се изјасниле дека нивниот став воопшто не е за целосно укинување на матурата.

„Сметаме дека е сосем доволно да се полага мајчин јазик и плус еден екстерен предмет кој ученикот сам ќе си го избере. Со светската пандемија се смени секоја област од нашите животи и секако ни образовниот систем не остана имун и мораше да претрпи многу промени. Меѓутоа како што се случија многу промени во начинот на учење, треба да се направат промени и во начинот на оценување, во спротивно само се докажува дека во нашиот образовен систем многу се побитни оценките од знаењето кое го стекнува индивидуата“, додава Бојана.

На часови не беа матуранти и од гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп, каде според информациите од нашите читатели, преку целиот ден, наставата била бојкотирана од повеќето класови од четврта година во гимназијата. Наставата се бојкотира и во средното училиште „Димитар Влахов“ во Струмица.

„Ја бојкотираме само наставата, не сме излезени пред школите. Немаме притисок од професорите и се е океј, сега засега. Бојкотираме мнозинството, неколку од нас се вклучија на час“, објаснува ученичка од ова средно училиште.

Покрај овие две училишта, според информациите кои стигнаа до редакцијата на Радио МОФ, наставата се бојкотира и во скопските средни училишта „Васил Антевски Дрен“ „Никола Карев“, „Зефљуш Марку“, „Владо Тасевски“, како и во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола и „Св. Климент Охридски“ во Охрид.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на бојкотот, министерката Царовска денес рече дека тоа се мали групи кои што го искажуваат својот револт, додавајќи дека тоа е нивно легитимно право, да го изразат незадоволството.

„Една гимназија од Скопје има поорганизирано дејствување во однос на бојкот на наставата, сите други се изолирани мали групи во дел од гимназиите во Скопје. Во медицинското на пример, нема ниту еден ученик кој што бојкотира. Така да, различна е сликата, но јас укажувам дека во интерес на учениците, во интерес на образовниот систем и квалитетот на образование во нашата држава, матурата треба да се спроведе на начин на која што сега е утврдена“, рече Царовска.

Министерката додаде дека во однос на матурата, биле направени измени заедно со матурскиот одбор и со Државниот испитен центар (ДИТ), односно, дека се вовеле два дополнителни предмети, географија и информатика.

„Се промени проектната задача, се со цел да биде таа повеќе приближена до културата на живеење на средношколците, да биде поатрактивна за нив, за да може да им се олесни. Но, во секој случај, матурата значи заокружување на едно ниво на образование, и за тоа во светот си се одржува матурата. Секако дека оние кои што нема да продолжат во високо образование, не мора да полагаат државна матура, тие може да полагаат училишна“, додаде Царовска.

Проблематиката со одржувањето на матурата годинава, беше актуелизирана и од неформалната група „Гласот на средношколците“ кои направија онлајн петиција, со која што, како што посочуваат, се стремат кон разрешување на хаосот настанат со полагањето на матурата оваа учебна година.

„Посакуваниот број за да се достави доследниот предлог-закон за промена на полагањето на матурата и воедно законот за упис во високо образовните институции изнесува 10.000 валидни потписи, но колку поголем број, подобро. Со овој закон, доколку добие поддршка ќе се разрешат образовните, економските и граѓанските спорови кои настанаа со Ковид ситуацијата кои наштетија на образовниот систем и воедно полагањето на матурата. Како предлог за одложување/незадолжителност на државната матура оваа година и следните години ќе резултира со намалување на ризикот на изложеност на Ковид вирусот, со намалување на финансиските средства за полагање на матурата (кои испитите може да се пренаменат во ресорите здравство или социјална политика каде се моментално понеопходни,да се спречат негативните ефекти од пандемијата и со тоа да се спасат повеќе човечки животи)“, стои во нивната петиција.

Во текот на декември минатата година, беа одржани и протести низ повеќе градови во земјава за укинување на матурата и бараа за матурата да остане само проектната задача. Но, истовремено и да им се овозможи полагање матурата на средношколците кои сакаат да се запишат на факултети надвор од државата.

М.К.