НаТочак од општините бара слободни тротоари, вело-мрежа и безбедно Скопје без жртви од сообраќајки

Граѓанската иницијатива „НаТочак”, мотивирана од реакции на граѓани од повеќе скопски општини, најчесто поради попречено движење како пешаци или велосипедисти, испрати писмено барање до градоначалниците на 10 скопски општини, нивните Совети и раководители на релевантни сектори во општините.

„И еве, после точно месец дена, уште чекаме одговор“, соопштуваат од иницијативата.

„Задача на општините е да се грижат за јавниот интерес на локално ниво преку соодветни политики. Јавен интерес од локално значење се следните работи според Законот за локална самоуправа: безбедноста во сообраќајот, заштита на животната средина, намалување на бучавата, превентивни активности за унапредување на здравјето (меѓу другото и услови за пешачење и возење велосипед), справување со проблемот со непрописно паркирање итн“, соопшти иницијативата.

Понатаму, потенцираат дека јавен интерес не е обезбедување јавен простор за бесплатно складирање на личен посед по штета на безбедноста и здравјето.

„Во насока на јавниот интерес, општините треба да ги ослободат тротоарите, да поттикнуваат пешачење и возење велосипед, да го смират сообраќајот…“, велат вело-активистите.

Оттука, нивните пет точки се во насока на обезбедување на непречено движење и безбедност на сите категории граѓани, а не, како што велат, движење кое предизвикува револт и загрозување на човечкиот живот.

Додека изминатите години се работеше на подобрување на примарната велосипедска и пешачка инфрастуктура што во комбинација со субвенициите за велосипеди на повеќе општини директно придонесе бројката на велосипедисти да расте од година во година, локалната патна мрежа не успеа да се прилагоди на новонастанатите промени во користењето на превозните средства, доведувајќи ја во прашање безбедноста на најранливите учесници во сообраќајот.

Поради тоа, НаТочак бара дадените предлози и сугестии да бидат разгледани сериозно и вклучени во општинските буџети.

Целиот допис на НаТочак, со 3 главни и 2 дополнителни предлози, може да види тука.