Северна Македонија се најде на 111 место од 180 светски држави според индексот за перцепција на корупцијата, кој секоја година го објавува Транспаренси интернешнел.
Годинава земјава го бележи најниското рангирање во историјата на Индексот уште од 2001 година, кога за прв пат Македонија се најде во овој извештај. Иако нема промена во поените во споредба со минатогодишниот извештај, земјава назадувала дури 8 места во споредба со рангирањето од 2012 година и се наоѓа во друштво на Панама, Босна и Херцеговина и Монголија со која има ист број бодови.
Покрај историски најлошиот резултат, С. Македонија оваа година е и најлоша во регионот според перцепцијата на корупција. Пред земјава, според Индексот, се наоѓаат Словенија (35 место), Грција (59), Хрватска (63), Црна Гора (67), Бугарија (69), Србија (94), Албанија и Косово (104). Босна и Херцеговина, пак, се наоѓа на исто место со земјава – 111.
Од сите европски држави полоши од С. Македонија според Индексот се само Украина, Молдавија и Русија.
Во светски рамки Нов Зеланд и Данска се држави за кои има пепцепција како најмалку корумпирани, а зад нив следуваат и Финска, Швајцарија, Сингапур и Шведска. Како најкорумпирани земји во светот се перцепираат Сомалија и Јужен Судан, а на последните пет позиции се уште и Сирија, Јемен и Венецуела.
„Ковид-19 не е само здравствена и економска криза. Тоа претставува и корупциска криза. Криза со која не успеваме да се справиме. Минатата година беше тест за владите како ниту една претходно, и тие со поголеми степени на корупција се помалку способни да се справат со предизвикот. Но, дури и тие кои се наоѓаат на врвот според Индексот за перцепција на корупцијата мора итно да ја зајакнат својата улога во борбата против корупцијата на национално и меѓународно ниво“, вели Претседателката на Транспаренси интернешнел, Делија Фереира Рубио.
Ова е 26-та година како се објавува индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнел. Тој прикажува колку е корумпирана земјата според перцепциите на експерти и бизнисмени преку 13 извори на податоци, од 12 различни независни институции.