Откако случајот „Јавна соба“ повторно се актуелизираше со појавување на нова група на Телеграм каде неовластено се споделуваа фотографии на девојки, во пресрет да помогнат излегоа повеќе млади правници и психолози. Тие бесплатно им ја нудат својата помош на загрозените.
Правната клиника по казнено право и Правна клиника за ранливи групи на Правниот факултет „Јустинијан Први” – Скопје соопшти дека ќе им обезбедат бесплатна правна помош, информација и совет на сите жртви на сексуално насилство и вознемирување во случајот „Јавна соба” за водење кривична постапка, барања за надомест на штета или други постапки пред државни органи.
Тие се достапни за контакт на kaznenoklinika@pf.ukim.edu.mk и на телефон 077 68 67 23, со тоа што уверуваат дека податоците и информациите од лицата кои ќе ги контактираат се чуваат доверливи.
Покрај нив, бесплатна правна помош понудија и Здружението на правници Роми.
„Јавно ги повикуваме сите жртви на „Јавна соба“, вклучително и жртвата која јавно истапи во врска со нејзиниот случај на злоупотреба, бесплатно да ни се обратат за правен совет и поддршка за пријавување на постапките пред надлежните институции“, стои во соопштението.
Целта на оваа одлука, велат тие, е да обезбедат целосно уживање на правата на жртвите и правна заштита. Тие може да се контактираат на romalawyersmacedonia@gmail.com или Фејсбук страница – Roma Lawyers Association.
Напомош се јавија и психолозите. Онлајн платформата за анонимно советување со лиценцирани психолози, Разговор.мк, понуди бесплатно советување и психолошка поддршка на сите девојки чија доверба била злоупотребена од членовите на групата „Јавна соба”. Секој може да ја преземе апликацијата и да закаже разговор со некои од психолозите кои стојат на располагање.
Тие се достапни и на е-маил адреса support@razgovor.mk или преку нивните профили на социјалните мрежи.
Претходно, психологот Ана Попризова ги повика девојчињата чии слики се споделуваа во новата група на Телеграм, да и пишат и да поразговараат со неа, затоа што целата ситуација носи голем психолошки товар за младите луѓе.
Таа посочува дека зависно од потребите на средношколците-жртви на „Јавна соба“, ќе се договараат како да комуницираат, дали во живо или преку социјалните мрежи. Попризова вели дека сите можности се отворени, но младите во никој случај не смеат да бидат оставени сами да се борат со овој товар. Целата помош ќе биде бесплатна.
Во меѓувреме се појави и онлајн петиција упатена кон Обвинителството за постапување по случајот „Јавна соба“.
„Примарна функција на државата е да ја заштити и промовира безбедноста како предуслов за било какво самоостварување на човекот. Во моменти како овој, кога безбедноста на половина од нашето население – жените и девојките e компромитирана, се поставува прашањето за ефикасноста на државата како чувар на безбедноста. Така, оваа петиција има за цел да испрати порака до обвинителството, како тоа би постапило по предметот Јавна соба, со што освен што ќе биде задоволена правдата, ќе биде превенирана појава на сличен феномен. Меѓу другото, ќе се даде до знаење дека граѓанската партиципативност од овој тип вродува со плод, и ќе се охрабрат жртви на слична злоупотреба да проговорат и да го актуелизираат проблемот“, се вели во петицијата.
По собраните потписи, ќе биде испратена претставка до Основното Јавно Обвинителство, која во случај да биде одбиена, ќе биде поднесена претставка до Народниот правобранител.
Во групата која беше откриена пред два дена, повеќе од 5000 членови, повторно коментираа и споделуваат повеќе или помалку експлицитни фотографии, профили од социјални мрежи, адреси и телефонски броеви од девојки, меѓу кои и малолетнички.
Министерството за внатрешни работи синоќа потврди дека групата е избришана од страна на Телеграм, а досега за случајот се приведени четири лица – две од Битола, и по едно лице од Велес и Штип.