Нашата актерка, Сара Климоскa, неодамна беше избрана за една од дестте европски откритија – Европски ѕвезди во во подем 2021 на Европската филмска промоција. Во „Кратко, ем јасно“, и поставивме три прашања за нејзината актерска кариера и можностите коишто ги има нашата актерска сцена.
Кога подготвувате некоја филмска улога, колку е важно поврзувањето со ликот којшто го глумите? Дали некогаш досега сте играле лик сличен на вашиот карактер?
Кога се подготвувам за некоја улога, немам конкретна формула што ja користам за да дојдам до ликот. Секогаш имам различен пристап во зависност од тоа што нуди улогата и со кој режисер соработувам. Она што е важно, е тоа што мислам дека не може да постои успешна улога доколку глумецот не се поврзе целосно и ги оправда сите нејзини особини. Сум играла улоги кои се многу слични и многу различни од мене, но сите тие ми претставуваат предизвик од различни причини.
Со кои предизвици се соочуваат македонските актерки?
За жал живееме во земја во која културната сцена константно се соочува со потешкотии. Многу често, тоа се финанскиски проблеми што доведува до лимитирани можности за работа. Но, покрај тоа, важно е ние уметниците да се бориме со сите проблеми и да најдеме начин како да продолжиме да создаваме притисок за да се создадат подобри културни политики кои во иднина ќе им служат на новите генерации актери и уметници воопшто.
Со која ѕвезда од Холивуд би сакале да снимите филм или мини серија?
Нема филмска ѕвезда од Холивуд која би ја одбила за соработкa!
Елена Тимова
*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „младинските муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески