Илјадници граѓани и синоќа излегоа на протести во Варшава и други делови на Полска, трета вечер по ред, откако десничарската влада на земјата спроведе судска пресуда со која се воведува скоро целосна забрана за абортус во земјата.
Демонстрантите излегоа надвор и покрај мерките за заштита од коронавирусот и температурите под нулата. Во Варшава, тие вееја знамиња на Полска, но и знамиња со виножито на нив и црвена молња, симболот што го користеше „ Женски штрајк“, главната организација зад протестите.
„Моето тело, мој избор“, „Револуцијата има матка“ и „Имате крв на рацете“, гласеа некои од транспарентите на протестот. Некои од учесниците во петокот носеа и зелени марамчиња околу вратот – симболот на активистите за правата на абортусот во Аргентина, каде што абортусот беше легализиран минатиот месец.
Илјадници излегоа на улиците во Варшава и другите поголеми градови уште во средата, а во четвртокот неколку демонстранти беа уапсени откако влегоа во дворот на уставниот суд, кој ја донесе одлуката.
Одлуката значи дека сите абортуси во Полска сега се забранети, освен во случаи на силување и инцест, или кога се смета дека животот или здравјето на мајката се изложени на ризик. Според неа, дури и абортусите во случаи на фетални аномалии не се во согласност со уставот.
Претежно католичката Полска и досега имаше еден од најстрогите европски закони за абортус. Таму има помалку од 2.000 легални абортуси секоја година и женските групи на жени проценуваат дека уште 200.000 жени абортираат или нелегално или во странство.
Владата рече дека со забраната ќе запрат абортусите што се однесуваат на прекинување на бремености како во случаи каде е дијагностициран Даунов синдром, но групите за човекови права соопштија дека ова ќе ги принуди жените да носат плод и кога има неодржлива бременост.
Одлуката за првпат беше најавена во октомври, но владата почека за нејзино официјализирање поради масовните протести. Лудвик Дорн, коментатор во весникот „Газета Виборча“, рече дека владата најверојатно одлучила да ја објави пресудата сега со цел да се осигура дека протестите ќе „спласнат“ пред да се појави уште поголем антивладин гнев поради справувањето со пандемијата и достапноста на вакцините.
„Сега беше најмалку лошо време“, напиша тој.
Дорн исто така рече дека владејачката партија може да се надева дека ќе се случи поделби меѓу противниците на пресудата – на оние кои сакаат пошироки права за абортус и оние кои ја поддржуваат претходната статус кво состојба.